Николовски: Брза и навремена исплата, мотивирани земјоделци и зголемен извоз на земјоделски производи
Новиот модел за субвенционирање успешно стартуваше во 2023 година и веќе ги дава првите резултати. Земјоделците своите заслужени субвенции ги добиваат навремено и брзо...

Модел за субвенционирање граден заедно со земјоделците уште во 2022 година. Прифатен од сите земјоделци, а потврден од подсекторските групи и Агро Советот, како највисоко тело во земјоделството. Токму во 2022 година, кон овоштарите, за прв пат беше реализирана и првата авансна исплата на субвенциите.
До сега, преку новиот модел за субвенционирање, авансна субвенција е исплатена кон сите земјоделци. Аванса субвенција добија лозарите, овоштарите, градинарите, полјоделците и сточарите.
Преку новиот модел основна, директна субвенција за одржување на површините добиваат сите земјоделци, за сите култури. Додека пак, дополнителна субвенција добиваат земјоделците, што произведуваат култура од листата на значајни култури, оствариле зголемено производство и истото го продале на пазар, искористиле за сопствени потреби, или предале во преработувачки капацитети.
Направените анализи по завршување на аплицирањето за дополнителни субвенции во декември 2023 година, покажаа дека 8.061 земјоделци, немаат поднесено барање по овие дополнителни мерки.
Кај сточарството пак, за дополнителните субвенции, сточарите не ги пријавуваат сами, туку тие ги добиваат со претходно исполнети услови, а тоа е произведено и предадено млеко во млекарниците, или предадени грла добиток во кланиците.
Дека новиот модел полека, но сигурно ги дава очекуваните резултати говорат и неколку примери.
Правилните политики во поддршката на земјоделското производство јасно се рефлектираат во бројките, кои го прикажуваат извозот на македонските земјоделски производи и преработки.
Македонската зелка веќе неколку години наназад е најизвезуваниот зеленчук, а во 2023 година вредноста на извозот достигнала 29,9 милиони евра, што е раст за 21% во споредба со 2022 година. Потоа пиперките се вториот најизвезуван производ, кој на странските пазари се продадени со 26.000 тони, во вредност од 20,7 милиони евра. Следуваат доматот, печурките за јадење, краставици и корнишони, кромидот и компирот.
Министерот Николовски истакна дека успешните мерки за развој на винскиот сектор и лозарството, дале резултат запишувајќи го високо на винската мапа македонското вино.
Раст имаме и кај извозот на јагнешко месо, па така ако во 2020 година сме имале извоз во вредност од 9,5 милиони евра, во 2023 година извозот на јагнешко месо достигнал 14 милиони евра.
Овие бројки јасно говорат дека новиот модел на субвенционирање полека, но сигурно, ги дава очекуваните резултати. Заедно со Платежната Агенција продолжуваме да го следиме и анализираме спроведувањето на новиот модел, редовно информирајќи ги граѓаните, нагласи министерот Николовски додавајќи дека во следниот период, пред Агро Советот ќе биде презентиран извештајот за спроведувањето на новиот модел на субвенционирање во земјоделството.
Остануваме посветени и заедно со земјоделците го модернизираме и развиваме македонското земјоделство, а резултатите го потврдуваат тоа.
