Како да го заштитиме македонскиот идентитет?
Нашата земја и народ во последно време се негирани, но не само однадвор, туку и однатре. Сами се одрекуваме од својот идентитет. Македонецот е научен да му го негираат правото на постоење и да му ги одземат историјата и културата, вели поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан. На Форумот за македонскиот идентитет беа испратени силни пораки за граѓаните и политичарите …

Негирањето на правото на постоење и одземањето на историјата и културата не се новост, а народот и црквата одамна се научени на тоа. Но, нов и застрашувачки елемент е што во последниов период не само што сме негирани однадвор, туку и самите се негираме, самоодрекувајќи се од столбовите на нашиот идентитет – порака на поглаварот на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија г.г Стефан. Сепак, додава тој, се излажале тие што мислат дека нашиот идентитет е како кула од крати, па ќе се урне, затоа што македонскиот народ е пиреј, трева што не умира и ништо не ја ништи.
За татковината се работи и за зачувување на нашиот идентитет, истакна ректорот на Универзитетот Скопје, Аце Миленковски. Вели, како и да не идентификуваат и како и да не нарекуваат, ние сме секако Македонци, исто како нашите предци и нашите потомци.
Овој Форум се организира во пресудни моменти за нашата татковина, кога треба да ја сочуваме унитарноста и државноста и да ја промовираме древноста и вековноста на историско географскиот простор Македонија, порака на амбасадорот Марјан Ѓорчев.
За се може да преговараме, а за идентитетот на Македонија, никогаш и никаде. Затоа, сите треба да се сплотиме бидејќи имаме и што да чуваме и што да браниме, беше пораката од Форумот за зачувување на нашиот македонски идентитет.
Марија Котовска
