Владин тим предводен од Груевски од утре во економска посета на Велика Британија
16.06.2014 17:56
Премиерот Груевски заедно со владиниот тим во Ливерпул ќе присуствува на „Глобалниот економски форум 2014“ како дел од програмата на глобалниот економски настан „Интернационален фестивал за бизнис“...

Премиерот Никола Груевски од утре ќе престојува во неколкудневна економска работна посета на Велика Британија. Во владиниот економски тим се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо.
Премиерот Груевски заедно со владиниот тим во Ливерпул ќе присуствува на „Глобалниот економски форум 2014“ како дел од програмата на глобалниот економски настан „Интернационален фестивал за бизнис“. Ваквиот форум е прилика за размена на искуства за актуелните економски предизвици како и за можностите кои се ставаат на располагање за продлабочена економска соработка.
Во рамките на посебната сесија посветена на темата за раст на пазарите на земјите во развој и нивното влијание врз Европа како и за можностите за бизнис кои се нудат под влијание на неодамнешната криза, свое обраќање ќе има и вицепремиерот Ставрески при што ќе го пренесе македонското искуство од оваа област.
Како дел од редовната програма на Глобалниот економски форум 2014, во соработка со групацијата „Фајненшл Тајмс“ ќе се одржи и Инвестициски форум посветен на Република Македонија каде владиниот тим предводен од премиерот Груевски ќе елаборира за можностите за правење бизнис и инвестиции во Република Македонија, како и за можностите за соработка на британските и меѓународните бизниси и нивно инвестирање во Македонија.
