Хаос на Хаити, жителите секојдневно се борат за опстанок
Безвластие и немаштија, жителите на Хаити секојдневно се борат за опстанок. Близу 400 илјади луѓе се раселени, низ престолнината Порт-о-Пренс владеат бандите, запален е и затвор, осудениците се на слобода, се формираат нови криминални групи. Обединетите нации најавија затворање на канцеларијата за програмата за храна, нема пари, итно се неопходни 10 милиони долари за справување со гладот на островската држава.

Тотален хаос владее во малечката Хаити, држава со стратегиска позиција во Карибите поради морското соседство со Куба. По оставката на премиерот Анри, сè уште не е формиран преодниот совет, замена за Владата. Во главниот град, доминира криминалот, немаштијата, секојдневната борба за гол живот. Камповите со раселените никнуваат преку ноќ, безвластието создаде над 360 илјади бездомници.
„Живеам во кампов од 2023. Бандите ни ја одзедоа куќата. Потоа ја запалија и загубивме сè што имавме. Тоа што премиерот дал оставка нам не ни значи ништо. И да беше на власт, ништо не ќе променеше, и така живееме сите на улица“, рече бездомник на Хаити.
Бандите царуваат низ престолнината, но желбата за живот е посилна од стравот од насилната смрт. И покрај убиствата, луѓето во редици пребираат низ уличните ѓубришта обидувајќи се да обезбедат залак повеќе за семејството.
„Мизеријата владее во Хаити, не можеме да дојдеме до храна. Нашите пари немаат вредност. Порано за пет гурди, наши пари добивавме еден долар. Сега пет гурди вредат пет центи“, рече жител на Хаити.
Статистичарите на Обединетите нации избројале 1,4 милиони жителки кои живеат на работ на изгладнетоста. Предупредувањето пристигна и од седиштето на Лонг Ајленд, можно е привремено запирање на хуманитарната помош.
„Светската програма за храна успеа да обезбеди 13 илјади оброци дневно. Од агенцијата ни рекоа дека во наредната недела ќе биде затворена канцеларијата во Хаити. Едноставно нема парични фондови. Итно ни се неопходни 10 милиони долари за заштита на животот на луѓето“, изјави Стефан Дуџарик, портпарол на генералниот секретар на Обединетите нации.
Американските маринци се распоредија во Хаити за да ја заштитат амбасадата во Порт-о-Пренс и своите државјани. За Вашингтон се битни итните избори и демократската власт.
„Предлозите за имиња во преодниот совет се доставени. Ќе работиме со нашите меѓународни партнери, пред сè за жителите, за да го трасираме патот за враќање на демократијата и слободните избори во Хаити“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Премиерот Анри поднесе оставка по потпишувањето на договорот за распоредување на две илјади кениски полицајци за справување со криминалот во земјата. По оставката, Најроби се повлече од договорот.
Зоран Богатинов
