„Автопортрет со седум прсти“ – прозните записи на Ацо Шопов за прв пат објавени во книга
По цели осумдесет години по објавувањето на првата книга на македонски јазик во слободна Македонија, „Песни“ од Ацо Шопов (1944 г.), за првпат, голем дел од неговите прозни записи се објавени во книга.
Во вторник, 19 март, издавачката куќа „Антолог“ го најавува настанот со кој од 19 часот, во Лабораториум, ќе се одбележи објавувањето на делото „Автопортрет со седум прсти“ (прозни записи на Ацо Шопов), дело од исклучително значење за културната меморија на нашата земја.
По цели осумдесет години по објавувањето на првата книга на македонски јазик во слободна Македонија, „Песни“ од Ацо Шопов (1944 г.), за првпат, голем дел од неговите прозни записи се објавени во книга.
Книгата ќе биде претставена од проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а текстовите на Шопов, за прв пат објавени во оваа книга, ќе ги интерпретира првенецот на МНТ, Никола Ристановски.
Промоцијата ја организира фондацијата „Ацо Шопов-Поезија“ заедно со Антолог и Лабораториум, па обраќање ќе има и Јасмина Шопова, приредувач на книгата и потпретседател на фондацијата. Инаку, насловната корица на книгата ја изработи авторот Марко Трпески, а графичкиот дизајн е на Бобан Здравковски Андреевски.
Кон промоцијата се приклучуваат и Националната опера и балет, Флип Бук – Фестивалот на анимирани филмови и ДЛУМ, со сегменти од нивните уметнички продукции во рамките на „2023-Година во чест на Ацо Шопов“.
