голема кашлица

Три дози ди-те-пер доволни за во градинка

15.03.2024 16:50

Три дози примени со ди-те-пер ќе бидат доволни за да оди детето во градинка, но само под услов ако четвртата ја добие по шест месеци. Донесена нова одлука околу вакцините за голема кашлица и згрижувањето на децата. Сепак, родителите кои се против вакцинирање не престануваат со иновации, од установите се жалат дека добиваат лажни потврди за примени вакцини …

Од понеделник деца со три дози на ди-те-пер ќе можат да одат во градинка, но за шест месеци од третото боцкање, ќе мора да ја примат и ревакцината. Градинките ќе продолжат со проверка на списоците и потврдите за имунизација. А иновативноста на родителите одела дотаму што носеле фотокопии од книшка или вакцинален картон каде што не стои име и презиме на дете, па имало случаи со примено БСЖ и пред да се родат. Или деца што немаат примено ниту една вакцина освен МРП, бидејќи таа беше задолжителна пред 4 години.

Комисијата за заразни болести со став – потврда за дете кое не смее да се вакцинира е валидна само ако е од тричлена комисија, бидејќи досега во градинките се носеле секакви потврди, вели директорката на „Срничка“.

ДЗСИ ќе продолжи со засилени контроли.

И возрасните, оние со кревко здравје ќе можат да се заштитат од голема кашлица.

Според Комисијата за заразни болести состојбата со големата кашлица е алармантна, предупредија дека за кратко време може да излезат со построги мерки. Дополнително ќе се преземаат активности и за зголемување на опфатот со МРП-вакцината.

 

Наташа Јанчиќ Менковски