Стратегиите за туризам нецелосно се спроведуваат
Носителите на туристички политики во земјава не треба само да финансираат изработки на стратешки планови за развој на туризмот, туку и да ги спроведуваат. Тоа е ставот на туристичките експерти кои велат дека голем дел од планираното во овие значајни документи во изминатите децении не се реализирало. Според нив тоа предизвикало определени дубиози во овој сектор на домашен и меѓународен план...

Велат дека туристичкиот сектор е клуч за брза интеграција на земјите во глобалната економија, кој во истовреме придонесува и за развој на другите стопански гранки. Поради тоа од огромно значење е не само изработката на квалитетни стратешки документи за развој на туризмот, туку и нивна реализација. За нецелосно спроведување на стратегиите според експертите има најмалку две предрасуди.
„Едната е дека стратегиите не се и толку важни, бидејќи ете не се применуваат често пати, а втората е дека во стратегиите има определени недостатоци. Стратегиите се провокатор, тие овозможуваат, и овозможуваат на стручната јавност да даде сугестии, значи да кажат. Не е добро кога ќе кажат, а не чини ништо“, изјави проф. д-р Наум Мариноски, експерт од областа на туризмот.
Кога стратешки се настапува се прави оценка на поранешните стратегии со цел да се види дисбалансот помеѓу она што минало и она што не очекува, вели Мариноски.
„Стратегиите се многу важен документ и на домашен и на меѓународен план. На домашен план стратешкото планирање овозможува креирање на буџет, не постои друг документ кој е толку валиден за да не се применува во креирањето на финансиската политика во развојот на определени дејности“, изјави проф. д-р Наум Мариноски, експерт од областа на туризмот.
Сериозни стратешки документи се неопходни и на меѓународен план, бидејќи без нив не може да се настапи пред ОН, Светската туристичка организација или пред европските фондови доколку има потреба од стручна или финансиска поддршка.
Сашо Нелоски
