Украина гранатираше цели на руски пограничен град, беспилотни летала ја погодија рафинеријата за нафта
Беснее војната во Украина. Украина го ракетираше Белгород. Има загинати. Погодени се и рафинерии во Самара со дронови. Од друга страна, Украина почна евакуација на населението од северниот регион Суми поради долготрајните и силни руски гранатирања...

Продолжуваат нападите со дронови меѓу Русија и Украина. Жртви и повредени во украински ракетен напад врз Белгород. Мета на беспилотни летала биле и руските нафтени рафинерии во областа Самара. Украинскиот претседател вели дека земјата ќе го засили производството и распоредувањето на беспилотни летала против руските сили по смртоносниот напад врз Одеса кога загинаа најмалку 16 лица.
„Разговаравме и за производството и употребата на нашите ударни дронови и беспилотни летала со долг дострел против руската логистика и нивниот систем. Колку поправедни одговори имаме кон руската држава и колку поочигледни се нашите постапки против рускиот систем, толку потешко ќе му биде на рускиот претседател Путин да го продолжи владеењето, а со тоа и војната“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
„Поради ракетен напад има уништени згради во рекреативната зона на Одеса. Оштетени се најмалку 10 приватни куќи. Меѓу медицинските работници и спасувачите има загинати и ранети кои пристигнале на самото место по првата експлозија за да ги извршуваат своите задачи“, изјави Наталија Хуменјук, портпарол на јужната оперативна команда на Украина.
Украинските власти почнаа евакуација на селата во северниот регион Суми што се граничи со Русија поради силни руски гранатирања. Нападите следуваат во време кога е во тек гласањето на претседателските избори во Русија, на кои Путин се бори за петти мандат и владеење уште шест години. Советот за безбедност на ООН ги осуди руските избори во окупираните украински региони Луганск, Доњецк, Запорожје, Керсон.
„Намерата на Русија да спроведе претседателски избори до 17-ти март во областите на Украина под нејзина контрола е неприфатлива. Набљудувачката мисија за човекови права во Украина документира дека изминатите т.н. референдуми и локални избори биле спроведени во принудна средина“, изјави Розмари Ди Карло, заменик-генерален секретар на ОН за политички и мировни прашања.
„Сакале или не, почнаа претседателските избори за Русија и тие ќе траат три дена и ќе се спроведат вклучително и во руските региони кои ги обединивме со нашата земја како последица на слободното изразување на народната волја во септември 2022 година“, изјави Дмитриј Полјански, заменик постојан претставник во Обединетите нации, Русија.
Во меѓувреме, Белорусија распореди тенкови во близина до границата со Литванија и почна големи воени маневри.
Маријана Димовска
