Отворен Центар за млади во Старо Нагоричане
Старо Нагоричане со разни проекти ги подобрува условите за живот ,а со тоа ја спречува миграцијата на младите. Со новите проекти се очекува да заживее и туризмот во овој регион...

Старото општинско училиште по четири децении повторно ќе заживее и ќе биде место каде што младите од Старо Нагоричане ќе реализираат најразлични активности. Преадаптацијата на училиштето во Центар за млади е со цел да ја подигне свеста кај населенито за спречување на миграцијата со наоѓање начини за креарање на работни места тука во Општината.
„Полека се создаваат сите услови за подобар живот во селото. Кој сака да работи и да живее тука, може да го направи тоа“, вели Драган Јовановски, жител на Старо Нагоричане.
Проектот го реализира Општината Старо Нагоричане со бугарскиот град Рила, а со средства од ИПА фондовите за прекугранична соработка.
„Во рамките на проектот споделуваме заеднички проблеми , искуства и наоѓаме предизвици како да ги решиме, со цел заеднички да функционираме подобро и да обезбедиме подобри услови за жителите“, вели Милован Трајковски, Градоначалник на Општина Старо Нагоричане.
„Општина Рила располага со голем број туристички атракции кои можат да бидат патоказ за креирање на работни места , преку отварање на разни бизниси и искористување на тој потенцијал“, изјави Станислава Миладинова , претствник на Општина Рила, Р. Бугарија.
Покрај центар во кој ќе се дружат младите , тука ќе се одржуваат и едукативни работлници и обуки од различни области за размена на искуства и идеи.
„Како дел од предвидените активности е формирање на невладина организација која ќе менаџира со овој центар.За таа намена една просторија од објектот ќе биде опремена во канцеларија за одржување на нивните состаноци и реализирање на разни проекти“, изјави Даниела Петрушева- Андонова –проект менаџер.
Старо Нагоричане има огромен потенцијал за еко и културен туризам.За таа цел во рамките на центарот ќе има и винотека со вина од ова поднебје, а на горниот кат ќе бидат уредени и десет соби кои ќе се изнајмуваат на туристите кои ќе се задржат во регионот.
Габриела Димковиќ
