Израел-Хамас

Хамас не ја прифаќа одлуката на Абас да назначи нов палестински премиер

16.03.2024 12:36

Хамас се противи на одлуката на палестинскиот претседател Абас да го назначи неговиот близок соработник Мохамед Мустафа за нов премиер. Исламистичката група реагира дека не била консултирана. Од Фатах возвратија – радикалното движење е одговорно за случувањата во Газа по упадот на израелска територија на 7-ми октомври. Поделеноста меѓу Палестинците доаѓа во време кога енклавата се соочува со хуманитарна катастрофа. Зрак надеж внесе бродот со 200 тони храна што пристигна од Кипар...

И покрај силните противења на меѓународната заедница, премиерот Нетанјаху не отстапи, го одобри оперативниот план на израелските одбранбени сили за напад на Рафа, последното засолниште за внатрешно раселените над милион Палестинци. Испрати делегација во Катар, каде што се одржуваат разговорите за прекин на огнот, но децидно го отфрли предлогот на Хамас за размена на заложници со затвореници. И Вашингтон го предупреди Нетанјаху да не почнува офанзива на Рафа без веродостоен план за заштита на цивилите. Блинкен рече дека сад мора да видат јасен и применлив израелски план за офанзивата, а Кирби повика да се заштитат цивилите.

„Не можеме да поддржиме голема офанзива во Рафа, а да се грижиме за безбедноста на повеќе од еден милион жители на Газа кои бараат засолниште во Рафа. Ќе продолжиме да разговараме со Израелците за ова, ако тие го имаат тој план, сигурно би ја поздравиле можноста да го видиме“, изјави Џон Криби.

„Имаше контрапредлог поднесен од Хамас. Не можам да изнесам детали но, она што можам да ви кажам е дека работиме интензивно со Израел, со Катар, со Египет за да ги премостиме преостанатите празнини и да се обидеме да постигнеме договор“, изјави Антони Блинкен, државен секретар на САД.

И додека хуманитарната криза во Појасот Газа се продлабочува, додека цивилното население секојдневно се бори со гладот и лошите услови за живот – разногласие и препирки кај палестинските челници. Исламистичката група Хамас цврсто се спротивстави на одлуката на претседателот Абас да го назначи неговиот близок соработник Мохамед Мустафа за нов премиер, со мандат да помогне во реформите на палестинската управа и обновата на Газа. Исламистичката група тврди дека одлуката била донесена без нивна консултација и покрај неодамнешниот состанок во Москва, организиран за ставање крај на поделбата меѓу палестинските фракции на кој присуствувале и претставници на движењето Фатах. За Хамас носењето индивидуални одлуки без национален консензус ја продлабочува поделеноста на палестинскиот народ. Фатах им возврати – го обвини Хамас за состојбата во Газа која следува по нивната еднострана одлука за нападот на Израел на 7-ми октомври.

 

 

Маја Стојанова