Наезда на комарци и во зима
Убоди, отоци, алергии – иако календарски сè уште сме зима, комарците им прават сериозни проблеми на жителите на скопско Трубарево, кои тврдат дека се соочуваат со наезда каква што досега не паметат. Експертите објаснуваат – ова е резултат на климатските промени, и посочуваат дека е потребно да се промени начинот на прскање против комарци...

Звукот од комарец и во март предизвикува главоболка. Иако нетипично за овој месец од годината, веќе се појавуваат. Даниела 12 години живее во Трубарево, кое е неколку километри оддалечено од центарот на градот, но ваква наезда на комарци не памети. Вели, во текот на топлите месеци никако не можат да се справат со нив, а убодот некогаш создава и алергиски реакции.
„Имам искуство со ќерка ми, кај неа убод од комарец покажува алергија, не е страшна алергиска реакција, но е со големо зацрвенување и оток, тоа предизвикува нервоза, децата ги затрувме со мачкање“, рече Даниела Јовановска, жителка на Трубарево.
Околните места на градот, близу до Вардар, се најпривлечни за комарците. Жителите стравуваат дека и ова лето повторно ги очекува борба.
„Овие две години има толку многу комарци што е неиздржливо. Мислам дека недоволно се прска против комарците и овој проблем последниве години е голем“, рече Зорица Јовановска.
Апелираат до локалните власти почесто да ги одржуваат зеленилата, оти тие се рај за намножување на комарците дури и кога календарски е сè уште зима.
Ова не било случај во минатото. Експертите причината ја гледаат во климатските промени
За да се справиме со наездата на комарците, мораме првин да ги уништиме нивните живеалишта – велат од Центарот за јавно здравје. Да се смени начинот на прскање, односно да се укине авионската дезинсекција.
„Водени површини што не ни се потребни да се исушат, ако не можеме да ги исушиме да ги покриеме, да ги заштитиме итн. Ако и тогаш покрај сите тие мерки сè уште имаме комарци, ќе одиме на дезинсекција, но прво да одиме ларвицидно“, изјави Николина Соколовска, медицински ентомолог во Центарот за јавно здравје – Скопје.
Иако во земјава опстојува само азискиот тигрест комарец кој ја пренесува западно-нилската треска, сепак експертите не ја исклучуваат можноста, климатските промени да придонесат да се населат и нови видови. Потребен е рутински надзор и навремена реакција. Но, тоа на земјава и недостига – Николина Соколовска е единствената која ги истражува комарците. Центарот за јавно здравје поставува замки во главниот град, кои не можат да дадат податок за целата држава.
„Покрај финансискиот дел и стручниот тим можам да кажам дека не е задоволителен и немаме доволно луѓе кои би го работеле тоа на цела територија. Имаме заболени кои никаде не патувале, ова ни кажува дека вирусот циркулира“, изјави Николина Соколовска, медицински ентомолог во Центарот за јавно здравје – Скопје.
Во земјава од 2011 до 2023 година од заболувањата кои ги пренесуваат комарците се регистрирани 36 случаи со маларија и 45 заболени со западно-нилска треска. И од двете болести има по четири смртни случаи. Еден заболен имало со Денга-вирусот.
Андријана Ѓурческа
