Работниците од азиските земји стартуваат од април
Од април на брегот на Охридското Езеро започнуваат со работа увезените работници од Непал, Индија, Филипини и Малта. Платите ќе им бидат од 350 до 550 евра. Домашниот кадар масовно заминува во Хрватска бидејќи таму им се нудат од 1.000 евра нагоре. Оваа туристичка сезона на брегот на Охридското Езеро се очекува да работат околу 600-700 работници од странство...

За плата од 350 до 550 евра месечно, зависно од позицијата во хотелско угостителскиот сектор ќе работат увезените работници од Непал, Филипини, Индија и Малта. На тоа дополнително добиваат, осигурување, сместување и еден оброк. За истата плата не сакаат да работат домашните работници, велат хотелиерите. Нашиот кадар одлучно и масовно заминува во Хрватска, особено помладите генерации. Таму им се нудат плати од 1.000 до 2.000 евра.
„За жал, навистина ми е криво што ќе носиме луѓе од други земји од Непал, Филипини и Малта. Нашиот кадар не напушти, заминаа по Хрватска, по други дестинации иако после една година се враќаат откако ќе видат каква е ситуацијата таму. Но трендот на заминување расте па ние сме принудени да бараме варијанта, а тоа ни е увоз на кадар од други држави“, вели Муса Рашид хотелиер.
Кадарот од странство нема да биде во прва линија, повеќето ќе бидат ангажирани во кујна, помошници, хигиеничари, готвачи и собарки.
„Оваа година веќе ќе добиеме некои работници од други држави и ќе се пополнат некои дупки во работните места каде што ќе може да се употреби. Тие што не се напред, некој мора да работи и во позадина, да чистат, да средуваат, помошници во кујна, собарки итн. Имаме такви работници кои што ни фалат, и мислам дека ќе се направи едно рамнотежа оваа година и ќе биде полесна од минатата“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
Оваа туристичка сезона на брегот на Охридското Езеро се очекува да работат околу 600-700 вработени увезени од странство. Според ХОТАМ со нив ќе се пополни недостигот на кадар со кој се соочи секторот последниве години.
Соња Рилковска
