Русија се полни со бегалци од Украина

17.06.2014 11:12

Десетици илјади цивили ја напуштаат Украина. Постојаниот руски претставник во Обединетите нации, Виталиј Чуркин ја обвини владата во Киев за кризата...

Над 70.000 бегалци од Украина пристигнаа во Ростовската област и останаа на територијата на Русија. Портпаролот на Владата на оваа област Сергеј Тјурин изјави дека за 24 часа во таа област пристигнале 13.166 луѓе, од кои на територијата на Русија останале 8.447. Постојаниот руски претставник во Обединетите Нации, Виталиј Чуркин ја обвини владата во Киев за кризата.
 
„Илјадници цивили од Украина ја напуштија земјата каде што војската применува сила, и тоа врз основа на дискриминација. Само во последните денови, во Русија стигнале 60 000 луѓе кои се згрижени од роднини и пријатели, а 100 000 ја преминале границата“, рече  Виталиј Чуркин, постојан руски претставник во ОН.
 
Според Чуркин, разочарувачки е и тоа што  Советот за безбедност не застана на страната на Русија во осудата за украинскиот напад врз руската амбасада во Киев.
 
„Разочарани сме што Советот за безбедност не ја поддржа осудата за нападот врз руската амбасада и покрај тоа што Русија секогаш им давала поддршка на колегите од другите земји кои се соочувале со слична ситуација“, додаде Чуркин.
 
Претходно, украинскиот претседател Петро Порошенко даде наредба за формирање хуманитарен коридор за евакуација на цивили од зоната на борбените активности.