Здравство

Младите лекари живеат во неизвесност, ја чекаат платената практика

16.03.2024 16:12

Студирале со надеж дека еден ден ќе го облечат белиот мантил за да се грижат за здравјето на граѓаните. Но, сега се заглавени во системот. 100-ина млади лекари кои дипломирале сè уште чекаат државата да им обезбеди платена пракса, услов за да запишат специјализација...

„Ова се фотографии од нашето студирање. Тука имавме сите сон да почне најдоцна до јануари, но, сплет на околности не остави да чекаме до март“.

Вели Олга Дамовска, дипломирана докторка којашто чека да почне со шестмесечна платена практика во некоја од јавните здравствени установи за да може по половина година да запише специјализација. До пред една недела, 200 колеги на Олга го имаа истиот проблем. За стотина е потпишано и чекаат да почнат, уште толку живеат во неизвесност.

Оливија вели немаат време за губење оти до специјалист се стигнува по 12 години ако оди сè како подмачкано. За жал, не се чека само за практика, се чека и за специјализација. Таа вели, се објавуваат мал број специјализации. Ако не влезат на сметка на државна сметка, сами треба да си платат.

„Специјализантите ги држат цели смени и работата како специјалист и срамота е да се понижат“, вели Оливија Курјак.

Тие работат за 26.000 денари. Во моментов, над 300 лекари – приватни специјализанти го минуваат овој пат. Олга сака стане хирург.

„Ако не добијам специјализација ќе заминам“, рече Олга Дамовска.

Оливија се гледа како дерматолог. Подготвена е и да ја напушти земјата.

Ако државата не го вклучи побрзо зеленото светло и не ги тргне препреките пред овие млади луѓе, Олга и Оливија ќе бидат дел од речиси 1.000 лекари кои си заминале од јавното здравство. Најголем дел и надвор од Македонија.

 

 

Наташа Јанчиќ-Менковски