Предизборни напади кон противниците
Не за што ме бива мене, туку за што не го бива другиот. Најавата на кампањата оди како и во претходните предизборија, повеќе со оцрнување на противникот, отколку со надгласување на сопствените квалитети. Политичката реториката станува се пожестока. Актуелниот шеф на држава Пендаровски вели – не направив ниту една стратешка грешка. ВМРО-ДПМНЕ ја критикува неговата работа, СДСМ и наоѓа маани на Силјановска-Давкова...

Нема човек кој не греши, можеше и подобро, но, сепак немам стратешки грешки – актуелниот претседател и претендент за нов мандат, Стево Пендаровски пред партијата на пензионерите реферираше за сработеното. Рече дека тој нуди напредок за разлика од партијата којашто застана зад неговата опонентка, која според него, не се оградила од погрешните политики.
Кампањата не е почната, но партиските кујни работат со полна пареа. Не се избираат зборови за напад кон противникот.
„Пендаровски наместо со достоинство и со интегритет да ја застапува државата и да ги гради односите, тој со понизност и несериозност ја руши сликата за земјата. Од големата „љубов“ на Пендаровски со Бојко остана корпата која ја доби од бугарскиот политички врв и бугарскиот диктат“, рече Миле Лефков, од ВМРО – ДПМНЕ.
„За жал, кандидатката на опозициската партија, Гордана Силјановска-Давкова се претвори во уште едно лице на ДПМНЕ. На граѓаните не им е потребен претседател кој ќе биде продолжена рака на белата палата“, вели Снежана Калевска – Ванковска од СДСМ.
Од Беса пак, стравуваат во регуларноста на изборниот процес. Според нив, сомнеж отвора фактот што ОБСЕ/ОДИХР реши да го надгледува процесот со 24 долготрајни и 300 краткотрајни набљудувачи.
Наташа Гркова-Петрушевска
