Куманово

Куманово се соочува со сериозен дефицит на угостителски кадар

17.03.2024 09:27

Сериозен дефицит на кадар во угостителскиот сектор. Кумановските угостители загрижени дека до наредната година ќе останат целосно без работници, бидејќи одливот на млади продолжува. Бараат итна стратегија и поддршка од државата, но и преструктурирање на образовниот систем...

Загрижувачка е состојбата со недостаток на кадар во угостителскиот сектор. Кумановските угостители стравуваат дека доколку до наредната година итно не се донесе стратегија, целосно ќе останат без работници. Младите сè почесто особено во летната сезона, заминуваат во Хрватска, Црна Гора, Малта. Различни синдикати и компании, велат наместо да ги штитат правата на работниците и да ги задржат овде во земјава, тие посредуваат за нивно заминување.

„Не дека таму добиваат некои подобри финансиски услови со тие работни часови таму што ги остваруваат по 12-15 часа, сигурно дека ќе ги имаат истите плати, но претежно во угостителството се млади луѓе на кои системот не им се допаѓа, државата нема стратегија да ги задржи, ние сами тешко дека ќе можеме да се избориме со ова доколку не добиеме помош“, вели Тони Димитриевски, претседател на Здружение на угостители „Бисер“ Куманово.

Неопходно и преструктурирање на образовниот систем, бидејќи нема едуциран кадар. Во средните стручни училишта во Куманово нема профили и струки за угостителството и туризмот.

„За месари, кувари, прехранбена струка воопшто веќе и нема такви струки, да можеме некако да ги анимираме да добиваат стипендии, професионална пракса, да се самоедуцираат“, дополни Димитриевски.

Угостителите сметаат и дека треба да има минимална плата, а останатото да биде според учиникот на работникот, по примерот на угостителските објекти во западните земји.

Освен одливот во странство, дополнителен проблем со кој се соочуваат кумановските угостители, е и близината со Скопје. Најквалитетните од угостителството, велат заминаа да работат во главниот град.

Во Куманово функционираат над сто угостителски објекти. Туристичко-угостителскиот сектор беше најпогоден од ковид пандемијата. Пандемијата помина, но не и нивните предизвици.

 

Елена Георгиевска