Над 15.000 туристи од Холандија и Англија резервирале одмор на брегот на Охридското Езеро
Над 15.000 Холанѓани и Англичани, само преку тур операторот ТУИ, резервирале одмор на брегот на Охридското Езеро. Од средината на април и почетокот на мај започнуваат субвенционираните чартер летови на охридскиот аеродром. Се очекува плодна туристичка сезона...

Од средината на април започнуваат чартер летовите на охридскиот аеродром. Од месец мај и субвенционираните летови од Холандија и Англија. Тринаесет години по ред, Холанѓаните се најредовните туристи на брегот на Охридското Езеро. За нив тур операторите добиваат субвенции од 65 евра по лице.
„Плановите се оваа сезона да имаме поуспешна во споредба со минатата. Планирани се четири летови од Амстердам кои ќе летаат на охридскиот аеродром, ако зборуваме за холандските гости. Исто така ќе имаме и два организирани летови со Манчестер со гости од Велика Британија. Очекувам да имаме една добра и успешна сезона“, вели Челик Асим, тур-оператор.
Само преку тур операторот ТУИ над 15.000 холанѓани и Англичани веќе резервирале одмор на брегот на Охридското Езеро. Се очекува плодна туристичка сезона.
„Очекуваме да дојдат околу 10 до 12.000 холандски гости за ова лето, плус да кажам неофицијално 2.500 до 3.000 гости од Велика Британија. Се заедно околу 15.000 туристи само со тур операторот ТУИ на охридскиот аеродром. Е сега ако помножиме по седум денови тука ќе добиеме една убава бројка“, додава Асим.
Според Државниот завод за статистика, во јануари годинава најбројни биле туристите од Турција, по нив од Србија, Грција и Албанија. Бројот на домашните туристи во однос на лани, е зголемен за 3.0%, а бројот на странските бележи пораст за 15.5%.
Соња Рилковска
