Последен ден од гласањето на претседателските избори во Русија
Трет и последен ден од гласањето во Русија. На претседателските избори има четворица кандидати, но, работите таму одамна се јасни – Путин ќе се обезбеди нов шестгодишен мандат, иако со земјата владее речиси четврт век. Сериозна конкуренција нема...

Русите гласаат три дена, во 11 временски зони за претседател. На гласачкото ливче четворица кандидати, Николај Харитонов од Комунистичката партија, Леонид Слуцки од Либерално-демократската партија, Владислав Даванков од партијата Нови луѓе и Владимир Путин самостоен кандидат за петти мандат. Кремљ објави видео на кое се гледа како рускиот претседател наводно гласа онлајн.
Властите го промовираа гласањето на Интернет во почетокот на ковид-пандемијата, но критичарите велат дека е обид да се прикријат вистинските изборни резултати. Аналитичарите оценуваат дека изборите се извесни, актуелниот претседател има целосна контрола врз политичкиот систем во Русија, а тројцата противкандидати се политичари од низок профил.
„Се надевам дека мојата програма дефинитивно ќе биде барана кај населението и се надеваме на добар резултат, достоен резултат“, изјави Николај Харитонов, претседателски кандидат на Комунистичката партија на Русија.
„Настаните ќе ја одредат судбината на Русија, рускиот свет и руската цивилизација. Еден од тие настани е специјалната воена операција која се надеваме дека ќе заврши оваа година“, изјави Леонид Слуцки, претседателски кандидат од партијата ЛДПР.
Сојузниците на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални ги повикаа Русите на протест. Гласањето првпат и во регионите анектирани од Русија Луганск, Доњецк, Запорожје, Керсон наидоа на осуда од меѓународната заедница.
„Не гледам никаква промена во поддршката на диктатурата во Русија. Да, сите ја поддржуваат. Не гледам ниту еден човек во Русија да се премисли“, рече волонтерка.
„Многу зависи од реакциите од светот дали ќе го признаат резултатот од изборите или не и дали изолацијата на Руската Федерација ќе стане посилна“, вели волонтер.
„Видете, тоа не се избори, тоа е фикција, во основа ова е повторно поставување на Путин, одговорниот за Руската Федерација. Тоа не значи ништо и не очекуваме ништо од оваа фарса“, изјави Олех Синиехубов, шеф на регионалната цивилно-воена управа во Харков.
Од 25-ти февруари до 14-ти март се гласаше на оддалечени и тешко достапни места, вклучително и на поларните станици и на бродовите. Централната изборна комисија прелиминарните резултати ќе ги соопшти утре, на 18-ти март. Резултатите од претседателските избори треба да бидат објавени најдоцна до 28-ми март.
Маријана Димовска
