Нов обид за постигнување договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас
Нова рунда преговори меѓу Израел и Хамас во Катар откако пропадна обидот за шестнеделно примирје пред Рамазан. Хамас понудил предлог во три фази што треба да доведе до постепено ослободување на заложниците и повлекување на израелските трупи, но, Нетанјаху го оцени како нереален. Расте притисокот врз израелскиот премиер. Во Тел Авив жестоки протести. Полицијата употреби водени топови.

Во Доха нов обид за постигнување договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Катар и Египет ќе посредуваат во разговорите за надминување на отворените прашања меѓу завојуваните страни, меѓу кои е и размената на палестински затвореници со израелски заложници. Во преговорите се вклучува и шефот на израелската разузнавачка служба Мосад, тврдат западни медиуми. Денеска во посета на Тел Авив е германскиот канцелар Шолц. Во фокусот на разговорите со израелскиот премиер Нетанјаху е копнената офанзива во Рафа, за што меѓународната заедница остро се противи. А, во пресрет на разговорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас илјадници Израелци излегоа на улиците во неколку градови, барајќи владата на Нетанјаху да направи повеќе за враќање на заложниците дома.
„Знаеме колку е важно за народот на Израел, колку е важно за човештвото. И затоа ова е главна цел на нашата агенда на сите состаноци. Затоа работевме со Египет, со Катар, со други пријатели и партнери за да се ослободат и да се подобри нивната состојба“, изјави Фредерик Жорнес, амбасадор на Франција во Израел.
„Тажно е што повторно ве гледам овде. Тажно е што и по над 160 дена се собираме секоја сабота за да ја потсетиме земјата и целиот свет дека заложниците се сè уште таму“, изјави Штефен Зајберт, германски амбасадор во Израел.
„Зад секој киднапиран кој сè уште страда во заробеништво на Хамас, стојат нивните најблиски, кои не спијат, не јадат, не можат да дишат веќе повеќе од 160 дена“, изјави Дана Мило, внука на убиени заложници.
„Зборувам за него сега пред вас и напорно се трудам да ги задржам солзите. Шломо го доживеа холокаустот на Фархуд во Ирак како дете. Тој доживеа работи кои ниедно дете никогаш не треба да ги доживее. Како е можно на 86-годишна возраст повторно да доживее таква трагедија?“-рече Наама Коен, внука на заложник на Хамас.
Израелските граѓани се појасно го изразуваат незадоволството од владата на Нетанјаху. На антивладините протести во Тел Авив, Ерусалим, Хаифа, Бер Шева и Цезарија побарано итно одржување предвремени избори. Најмасовните протести се одржаа во центарот на Тел Авив, каде што стотици луѓе го блокираа автопатот, а полицијата употреби водени топови да ги растера демонстрантите. Во близина на приватната резиденција на Нетанјаху во Цезареја, полицијата уапси четворица демонстранти осомничени за палење факели и употреба на запаливи материјали.
Маја Стојанова
