Русија

Финишираат претседателските избори во Русија

17.03.2024 13:40

Во Русија денеска е последниот ден од гласањето на претседателските избори на кои актуелниот претседател Владимир Путин се кандидираше за петти мандат. Тридневното гласање почна на 15-ти март...

Жителите на Русија го дадоа својот глас на третиот и последен ден од претседателските избори. На гласачкото ливче се најдоа четворица кандидати. Владимир Путин се кандидираше за петти мандат и владеење уште шест години. Русите генерално се задоволни од политиката на актуелниот претседател и очекуваат таа да продолжи.

„Очекувам промени, посакувам, така да се каже, да видиме нови лица на раководните позиции и нешто подобро за нашата земја“, рече гласач.

„Сакам продолжување на политиката, онака како што е сега во нашата земја. Затоа гласав за нашиот актуелен претседател. Задоволен сум со сè“, вели гласач.

„Очекувам промени во јавниот живот на нашата земја. Откако се родив, би сакал да видам барем некои од нив остварени. Но, за жал, тоа е малку веројатно“, рече гласач.

„Гласав за актуелниот претседател. И сигурен сум дека нашата земја само ќе оди напред кон успех“, вели гласач.

Руското опозициско движење ги повика луѓето незадоволни од Путин или од војната во Украина да излезат на протест на последниот ден од гласањето. Стратегијата беше поддржана од опозицискиот лидер Алексеј Навални не многу пред неговата смрт. Либералниот политичар Надеждин, кому му беше забрането да се кандидира на претседателските избори вели дека народот има шанса да покаже став.

„Верувам дека рускиот народ денес има шанса да го покаже својот вистински став кон она што се случува и нема да гласа за Путин, туку за некои други кандидати или на некој друг начин, што е токму она што го направив“, изјави Борис Надеждин, руски либерален политичар.

Гласањето за првпат и во регионите анектирани од Русија Луганск, Доњецк, Запорожје, Керсон наидоа на осуда од меѓународната заедница.

„Не гледам никаква промена во поддршката на диктатурата во Русија. Да, сите ја поддржуваат. Не гледам ниту еден човек во Русија да се премисли“, изјави волонтерка.

„Многу зависи од реакциите од светот дали ќе го признаат резултатот од изборите или не и дали изолацијата на Руската Федерација ќе стане посилна“, рече волонтер.

„Видете, тоа не се избори, тоа е фикција, во основа ова е повторно поставување на Путин, одговорниот за Руската Федерација. Тоа не значи ништо и не очекуваме ништо од оваа фарса“, изјави Олех Синиехубов, шеф на регионалната цивилно-воена управа во Харков.

Од 25-ти февруари до 14-ти март се гласаше на оддалечени и тешко достапни места, вклучително и на поларните станици и на бродовите. Централната изборна комисија прелиминарните резултати ќе ги соопшти утре, на 18-ти март. Резултатите од претседателските избори треба да бидат објавени најдоцна до 28-ми март.

 

 

Маријана Димовска