Русија

Путин прогласи победа на претседателските избори

18.03.2024 08:23

Владимир Путин прогласи победа. Ова ќе му биде петти мандат како претседател. На изборите освои над 87 насто од гласовите. Со чекање во долги редици пред гласачките места, многу Руси се решија да протестираат против неговото автократско владеење. Полицијата приведе над 75 лица...

Владимир Путин прогласи победа на изборите во Русија. Освои 87,33 насто од гласовите што ќе му овозможи уште еден шестгодишен мандат како шеф на државата. Русија мора да биде поцврста и поефикасна-потенцира Путин, додавајќи дека малиот број приговори до изборниот штаб на претседателските избори говори за квалитетот на работата.

„Постојат услови за понатамошен развој за да се направи Русија посилна, поцврста и поефикасна. Сакате да го знаете моето мислење дали нашите избори се демократски или не, јас верувам дека се. Фактот што некои ги уништуваа гласачките кутии е лош. Ова е кривично дело, и во согласност со законот нашите органи на прогонот и судовите ќе постапат“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Останатите кандидати рекоа дека не се сомневаат во такви резултати и повикаа на обединување и соработка за државата.

„Ги видовме првите прелиминарни резултати, не се сомневавме во нив. Патував низ 29 региони и видов поддршка од луѓето. Без сомнение, победникот е Владимир Путин“, изјави Владислав Даванков, претседателски кандидат од партијата Нови луѓе.

„Сега е многу важен момент за земјата, за нашата иднина. Затоа треба да се обединиме рамо до рамо, како што рече претседателот на самиот почеток на своето обраќање до Федералното собрание“, изјави Леонид Слуцки, претседателски кандидат од партијата ЛДПР.

„Совршено разбираме зошто сегашниот претседател има таков резултат“, изјави Николај Харитонов, претседателски кандидат од Комунистичката партија.

По извесната победата на 71-годишниот лидер пристигнаа и првите реакции од Киев и неговите сојузници. Украинскиот претседател Зеленски го нарече Путин диктатор кој копнее по моќ.

„Оваа личност е болна по моќ и прави се за да владее вечно. Нема зло што тој нема да го направи за да ја продолжи својата лична моќ и нема никој на светот кој е безбеден од ова. Нема легитимитет во оваа имитација на избори и не може да има. Оваа бројка мора да заврши на обвинителна клупа во Хаг“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

САД и европските сојузници едногласни дека изборите во Русија не биле ниту слободни, ниту фер и демократски, со оглед на тоа што Путин ги затвора политичките противници и ги спречува другите да се кандидираат против него. Германија ги нарече „псевдоизбори“ под авторитарен владетел кој се потпира на цензура, репресија и насилство, додека шефот на британската дипломатија Лорд Камерон го осуди „незаконското одржување на избори на украинска територија“. Опозицијата ги отфрли изборните резултати. Поддржувачите на покојниот критичар на Путин, Алексеј Навални, организираа симболични протести.

Русите имаа три дена да гласаат. Ова беа први претседателски избори на кои гласаа и жителите на четирите украински региони – Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои беа анектирани од Русија во септември 2022 година.

 

Бојана Крстевски