Сточарство

Субвенции за домашни раси на добиток

18.03.2024 08:57

Сточарите кои одгледуваат домашни раси на добиток имаат право на дополнителни субвенции. Покрај говедата од расата Буша, финансиски се поддржуваат и овците од расата праменка, домашната балканска коза и домашниот шарпланинец …

Со Програмата за поддршка на земјоделството и оваа година дополнителни субвенции од 2.000 денари следуваат за говедата од домашната расата Буша одгледувани до крајот на 2024 година. Стадото треба да има најмалку 5 глави добиток.

На дополнителни 550 денари сточарите имаат право и за овците од расата праменка, односно овчеполка и шарпланинска и козите од расата балканска.

Корисници на оваа мерка се земјоделски стопанства кои одгледуваат овци и кози и кои имаат стадо од најмалку 50 животни.

За домашната раса каракачанска субвенцијата е 5.000 денари за најмалку 10 овци. Одгледувачите на говедата од расата биволи можат да добијат 9.000 денари за секоја единка.

Одгледувачите на најмалку 50 овци и кози имаат право и на по 2.000 денари за секој домашен шарпланинец или овчарското куче Караман кое е на возраст над шест месеци на 30 септември 2024 година.

Шарпланинците треба да имаат микрочип на денот на поднесувањето на барањето.Максималниот број е седум пријавени кучиња по земјоделско стопанство.

Субвенционирањето на овие автохтони раси кои не се со голема продуктивност е за да се намали ризикот од нивното исчезнување од селата и од пасишта во државава.

 

Методија Трајков