Два нови случаи на голема кашлица во Куманово
Големата кашлица продолжува да се шири. Во Куманово се регистрирани уште два нови случаи. Бројот на заболени се искачи на осуммина. Опфатот на имунизирани е подобрен, по задолжителните мерки за прием во градинките. Интерес има и кај училишните дечиња...

Два нови случаи на голема кашлица во Куманово. Од Центарот за јавно здравје информираат дека болеста е потврдена кај четиримесечно бебе и шестгодишно девојче. Двете дечиња се во стабилна здравствена состојба, на домашно лекување. Девојчето посетува целодневна настава во основно училиште и е некомплетно имунизирана. Установата добила препорака за дезинфекција на просторот, редовно проветрување и одржување на хигиена. Бројот на заболени од пертусис во североистокот се искачи на осуммина, од кои само еден случај од соседна Крива Паланка.
На вакциналниот пункт во Здравствениот дом утрово немаше голем метеж, за разлика од претходните денови. Од првиот потврден случај од 18-ти јануари досега се имунизирани 1.260 дечиња.
Лекарите апелираат родителите ги проверуваат вакциналните картони и навреме да ги имунизираат дечињата. Укажуваат дека имале и барања од родителите поради новите мерки за присуство во градинка, да се скрати рокот на ревакцинација. Во моментов интерес за имунизација има и кај училишните деца.
„Вакциниравме многу дечиња, кои се на возраст и по 4-5 години имаше дечиња и од шест години кои или беа дојдени за ревакцини а некои и за прва или втора доза. Се надевам дека ова ќе биде добар пример за сите родители кои испуштиле или воопшто не ги вакцинирале своите дечиња“, истакна Валентина Богоевска Димитриевска, лекар во Здравствен дом Куманово.
Паралелно со пертусис голем дел од дечињата се имунизираат и со МРП вакцината. Лекарите потенцираат дека мора да се зголеми и интересот за оваа вакцина, бидејќи стравуваат од епидемија на морбили која се појави во соседството. И родителите на дечињата кои утрово се упатија во детските градинки на став имунизацијата мора да биде задолжителна.
„Ги примивме сите потребни вакцини, картонот е уредно доставен до учителките што побараа се е под контрола и апелирам до сите да си ги вакцинираат децата“ нагласи еден кумановец.
„Треба сите да бидат имунизирани, секако ги имаме примено сите вакцини“, истакна еден кумановец.
„Редовно вакцинирани сите дози ревакцини“, дополни кумановка.
Во осумте објекти на градинката „Ангел Шајче“ се примаат дечиња со примени три дози вакцина против голема кашлица.
Елена Георгиевска
