САД и западните земји едногласни, изборите во Русија не биле слободни, фер и демократски
Путин победи на изборите во Русија со освоени 87,29 насто од гласовите обезбедувајќи го петтиот мандат како шеф на државата. Тој не се соочи со кредибилен опозициски кандидат, па оттука неговата извесна победа ги разгоре и реакциите на САД и западните земји. Оценија дека изборите не биле ниту слободни, ниту фер и демократски. Излезноста на претседателските избори поголема за 7 насто во однос на 2018-та...

Владимир Путин очекувано победи на изборите во Русија продолжувајќи го своето речиси четвртвековно владеење за уште шест години. Специјалната операција во Украина останува негов приоритет.
„Имаме многу задачи пред нас, но кога сме обединети никој не може да не заплаши и потисне. Сакате да го знаете моето мислење дали нашите избори се демократски или не, јас верувам дека се. Руската демократија е потранспарентна од повеќето на Западот“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Голем дел од жителите задоволни од изборниот резултат.
„Тој е наш лидер, мнозинството го поддржува. Специјалната воена операција е во тек, па подобро е да не се менуваат коњите на сред поток“.
Во резултатите не се сомневаат ниту неговите противкандидати. Повикаа на заедничка соработка за иднината на земјата.
„Не се сомневавме во нив. Патував низ 29 региони и видов поддршка од луѓето. Без сомнение, победникот е Владимир Путин“, изјави Владислав Даванков, претседателски кандидат од партијата Нови луѓе.
Опозицијата, пак, ги отфрли изборните резултати. Поддржувачите на покојниот критичар на Путин, Алексеј Навални, со симболични протести за време на тридневното гласање. Пристигнаа и првите реакции од Киев. Имитација на избори-коментира Зеленски.
„Нема зло што тој нема да го направи за да ја продолжи својата моќ и нема никој на светот кој е безбеден од ова. Нема легитимитет во оваа имитација на избори и не може да има. Оваа бројка мора да заврши на обвинителна клупа во Хаг“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
САД и европските сојузници едногласни дека изборите не биле ниту слободни, ниту фер и демократски, поради цензура и немање опозиција.
„Изборите се засноваат на репресија и заплашување. Се одржуваат на окупирана територија од Украина, со што се нарушува украинскиот суверенитет“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика.
„Изборите во Русија беа избори без избор“, изјави Аналена Баербок, министерка за надворешни работи на Германија.
Честитки за изборната победа на Путин пристигнаа од Северна Кореја и Кина. Ова беа први претседателски избори на кои гласаа и жителите на четирите украински региони – Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои беа анектирани од Русија во септември 2022-та.
Бојана Крстевски
