Израел изврши рација во болницата „Ал-Шифа“
Меѓународната заедница се погласна за изнаоѓање решение кое ќе доведе до прекин на огнот во Појасот Газа, а Тел Авив се по упорен во намерите за елиминирање на Хамас. Израелските одбранбени сили повторно извршија напад на болницата Ал Шифа во енклавата. Тврдат – операцијата е високо прецизна и се одвива во ограничени области. Од Министерството за здравство во Газа, тврдат има загинати и ранети цивили …

Додека траат обидите на меѓународната заедница за постигнување договор за прекин на огнот во Појасот Газа, Тел Авив не отстапува од намерата да се пресмета со милитантите на Хамас. Израелските одбранбени сили повторно извршија напад на болницата Ал-Шифа во енклавата, за којашто тврдат дека се користи како упориште на борците на Хамас. Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, објави дека има загинати и ранети. Го обвини Тел Авив дека користи фабрикувани наративи за да го оправда нападот.
„Израелската армија спроведува операција со висока прецизност во ограничени области на болницата Шифа, по конкретни разузнавачки информации кои бараа итна акција. Знаеме дека терористите на Хамас се прегрупираа во болницата Ал Шифа и ја користат за командување со нападите против Израел“, изјави Даниле Хагари, портпарол на изрелските одбранбени сили.
А, хуманитарната криза во енклавата на раб на катастрофа. Жителите секојдневно се соочуваат со глад и со нехумани услови за живот. Единствена надеж е хуманитарната помош. Очајно се борат да ја добијат, но организациите се жалат оти тешко успеваат да ја достават поради борбите на теренот и нарушувањата на редот.
„Ние навистина страдаме овде. Стигнавме до точка кога име за јадење само сув леб. Но, фала му на бога и за тоа во ваква состојба“.
„Среќни сме што добиваме помош безбедно, без да мораме да одиме на кружниот тек. Се надевам дека ќе остане вака и понатаму, за да не се бориме за брашното“.
По четири месеци, израелската армија денеска дозволи девет камиони со хуманитарна помош да влезат во северниот дел на појасот, вклучително и во Џабалија, Беит Ханун и во Беит Лахија. Според Обединети Нации, 85 насто од населението во Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 насто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништени.
Маја Стојанова
