Македонија

Грковска: Функционерите да го почитуваат етичкиот кодекс

18.03.2024 15:46

Владата ќе постапува доколку се утврди дека функционери ги злоупотребиле службените возила за партиски цели, но досега немаме добиено такви докази, вели вицепремиерката Грковска. Таа побара од функционерите да го почитуваат етичкиот кодекс и да прават разлика меѓу партиските и државните активности.

Нема докази дека функционери со службени возила оделе за да се потпишат за претседателска кандидатура. Вицепремиерката за добро владеење Грковска тврди – ако добие доволно аргументи дека е прекршен етичкиот кодекс ќе постапи соодветно без разлика за кој функционер станува збор. Апелира да нема злоупотреби за време на избори.

Од ВМРО-ДПМНЕ со обвинувања до шефот на државата Пендаровски дека ги злоупотребува државните ресурси за партиски цели. Според опозициската партија претседателот на државата иако ветил, се вози со државен автомобил до партиските штабови за состаноци, а по неговиот пример работеле и други функционери од СДСМ.

За користење на службените возила Грковска тврди дека има промена кај функционерите, освен како што вели во случајот со Артан Груби кој добил две опомени. Премиерот Џафери е тој кој треба да одлучи која мерка ќе изрече. Излез од ваквата ситуација според вицепремиерката за добро владеење е ново законско решение со кое наместо опомени, функционерите би биле санкционирани.

Владата ќе постапува доколку се утврди дека функционери ги злоупотребиле службените возила за партиски цели, но досега немаме добиено такви докази, вели вицепремиерката Грковска. Таа побара од функционерите да го почитуваат етичкиот кодекс и да прават разлика меѓу партиските и државните активности.

 

Викторија Милевска