ДИК

Продолжен рокот за пријавување на гласачите во дијаспората

18.03.2024 16:08

Поради технички проблеми со веб-страницата се продолжува рокот за пријавување на гласачите во дијаспората, информираат од Државната изборна комисија. Гласачите во земјава увид во избирачкиот список можат да направат најдоцна до полноќ...

Поради технички проблеми со веб-страницата се продолжува рокот за пријавување на гласачите во дијаспората, информираат од Државната изборна комисија. Гласачите во земјава увид во избирачкиот список можат да направат најдоцна до полноќ.

„Во текот на ноќта, 17 март 2024, од 24 часот се случи технички проблем со веб-страницата која беше вратена во функција утрово во 9 часот. Од таа причина, пријавувањето на гласачите во дијаспората се продолжува за времето колку што траеше прекинот, односно до 19 март 2024 година, 9 часот“соопшти Државната изборна комисија.

Ова следува по пријавата на Обединетата македонска дијаспора дека не можеле да се регистрираат македонските граѓани кои живеат во странство, односно системот покажувал дека регистрацијата е завршена на 11-ти март.

Државната изборна комисија најдоцна за три дена треба да го достави избирачкиот список до политичките партии кои го побарале. Имаат пет дена од денот на приемот, а најдоцна на 26-ти март да достават барање за запишување, дополнување или бришење на податоци.

Листите на кандидатите за претседател треба да се достават до ДИК најдоцна до утре, 19-ти март на полноќ.

На гласачкото ливче ќе има седум претенденти за фотељата на „Вила Видно“. На 28-ми март е ждребувањето за број на претседателскиот кандидат на гласачкото ливче.

 

Марина Стојанова Тонева