Голема кашлица

Имунизација против голема кашлица

18.03.2024 17:01

Иако вакцините за голема кашлица наменети за возрасни се стигнати, сè уште не се достапни. Лекарите апелираат, бараат освен бремените жени, да бидат имунизирани и здравствените работници, вработените во градинките и училиштата, но и хронично болните.

Вакцините против голема кашлица наменети за возрасната популација се препорачани само жените во третиот триместар од бременоста. Сепак, лекарите укажуваат дека има многу возрасни пациенти кои заболеле од голема кашлица, со компликации. Велат дека изминале долги години откако се имунизирале против пертусис, и е потребно повторно да се заштитат. Според доктор Мира Атанасова, треба да се размисли за имунизација на здравствените работници, вработените во градинките и училиштата, како и за луѓето со хронични заболувања.

„Една голема група на луѓе имаме ние со имуносупресија, имуносупресивни пациенти, со намален имунитет, трансплантирани пациенти, пациенти со тешки дијагнози. Ќе го искоментирам првиот случајот на возрасниот пациенти кој го откривме во нашата ординација . пациентот е вакциниран тој е на возраст од 40 години дојде со многу тешка клиничка слика, ноќни неиздржливи кашлици, со напади на повраќање, дури и со губење на свест“, изјави д-р Мира Атанасова – педијатар.

Иако бустер-дозите против пертусис пристигнаа во земјава, сè уште не се достапни во Центарот за јавно здравје бидејќи во тек се административните процедури за нивна регистрација во агенцијата за лекови-потврдуваат од Министерството за здравство. Во меѓувреме, има зголемен интерес за вакцинација со Ди-те-пер.

„Поголем е бројот на дечињата кои примаат ревакцини која е заборавена или е пропуштена од одредени причини значи тоа се поголеми дечиња на 2, 3 и 4 годишна возраст. Со три дози се постигнува одредена заштита, но поголема и подолго би траела заштитата доколку се прими и бустер дозата“, изјави д-р Бети Гелејчевска – вакцинален пункт поликлиника Букурешт.

Изминатата недела, Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши стотина вонредни надзори низ градинките, а контролите ќе продолжат и во наредниот период.

Поразителни се бројките за имунизација на децата кои посетуваат градинка во Скопје, дури 50 проценти од нив не се вакцинирани или се делумно имунизирани, за разлика од внатрешноста каде опфатот со вакцина е над 95 проценти.

 

Андријана Ѓурческа