Цивили ја напуштаат Украина, Русија го обвинува Киев за кризата

17.06.2014 13:22

Десетици илјади цивили ја напуштаат Украина. Постојаниот руски претставник во Обединетите нации Виталиј Чуркин ја обвини владата во Киев за кризата. Руската дума бара санкции за Украина, а САД и европските сојузници за Русија...

Над 70.000 бегалци од Украина пристигнаа во Ростовската област и останаа на територијата на Русија. Портпаролот на Владата на оваа област Сергеј Тјурин изјави дека за само 24 часа пристигнале 13.166 луѓе. Постојаниот руски претставник во Обединетите Нации, Виталиј Чуркин ја обвини владата во Киев за кризата.

„Илјадници цивили од Украина ја напуштија земјата каде што војската применува сила, и тоа врз основа на дискриминација. Само во последните денови, во Русија стигнале 60 000 луѓе кои се згрижени од роднини и пријатели, а 100 000 ја преминале границата“, изјави Виталиј Чуркин, постојан руски претставник во ОН.

Според Чуркин, разочарувачки е и тоа што Советот за безбедност не застана на страната на Русија во осудата за украинскиот напад врз руската амбасада во Киев.

„Разочарани сме што Советот за безбедност не ја поддржа осудата за нападот врз руската амбасада и покрај тоа што Русија секогаш им давала поддршка на другите земји кои се соочувале со слична ситуација“, рече Чуркин.

Во меѓувреме, на седницата во руската Дума, претседателот на комисијата за надворешни работи Алексеј Пушков побара санкции за украинските лидери.

„Треба да размислиме за систем на санкции за Украина, вклучувајќи и лични санкции за лидерите и членовите на администрацијата.  Време е да ги прекинеме плановите за партнерство со Украина затоа што оваа земја не е подготовена за тоа“, вели Алексеј Пушков, претседател на комисијата за надворешни работи на руската Дума.

Викторија Нуланд, американскиот помошник заменик секретар за Европа, информира  дека САД и европските сојузници се согласиле да воведат санкции против Русија доколку продолжи да ја дестабилизира источна Украина. Санкциите се однесуваат на енергетскиот, економскиот, банкарскиот и одбранбениот сектор.