Нетанјаху испраќа тим на преговори во Вашингтон
По подолг период, телефонски разговор меѓу израелскиот премиер Нетанјаху и американскиот претседател Бајден. Израел испраќа тимови во Вашингтон за најавената офанзива во Рафах, на југот од Газа. Од обединетите нации предупредување дека офанзивата во Рафах ќе донесе катастрофален град за над милион раселени Палестинци...

САД го зголемуваат притисокот врз Израел. Нетанјаху не попушта. Офанзивата на Рафах, тема на телефонскиот разговор со американскиот претседател Бајден.
„Разговаравме за најновите случувања во војната, како и посветеноста на Израел за постигнување на сите цели: елиминација на Хамас, ослободување на сите наши заложници и ветувањето дека Газа нема да претставува повеќе закана, притоа обезбедувајќи ја потребната хуманитарна помош“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
„Голема копнена операција таму би била грешка. Нетанјаху очигледно има свое гледиште за операцијата, но се согласи да испрати тим за дискусија. Нашиот став е дека постојат начини Израел да надвладее во овој конфликт и да стави крај на заканата од теророт од Газа без операција во Рафа“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност.
Од ООН предупредуваат дека ако Израел ја прошири офанзивата кон преполниот јужен град, борбите би ги довеле над милион луѓе во катастрофален глад.
„Ако борбите престанат, имаме целосен пристап и сè уште ќе можеме да го спречиме ова. Но, ако конфликтот продолжи, дефинитивно ќе видиме катастрофален глад на овие места“, Ариф Хусеин од светската програма за храна на ОН.
Борбите во Појасот продолжуваат. Американскиот државен секретар изрази надеж за прекин на огнот и ослободување на заложниците пред неговата посета на Блискиот Исток.
„Правиме сè што можеме да постигнеме договор и да ги продолжиме разговорите за повоена Газа. Предизвикот сега е да се осигуриме дека секој план ќе се реализира. Тоа ќе биде во фокусот на оваа посета“, изјави државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
Во Катар нова рунда преговори. Египет го убеди Хамас да не го прекинува учеството во разговорите по израелскиот напад врз болницата Ал Шифа.
Бојана Крстевски
