Куманово

Пчеларите со загуби, угинуваат цели кошници

19.03.2024 10:59

Пчеларите бележат загуби на кошниците. Угинуваат до 70 отсто од пчелните семејства. Причините најчесто се климатските промени но и вирусите. Но и покрај лошата состојба цената на мед во Куманово остана иста...

Климатските промени, сушата, ниските температури, но и самите болести, негативно влијаат врз пчеларството. Кумановските пчелари соочени со огромни загуби на пчелни семејства. Смртноста на пчелите во некои кошници се движи од 25 до 70 отсто. Не можат да прецизираат какви ќе бидат приносите на мед годинава. Пчеларот Ристовски кој над 15 години се занимава со дејноста, вели дека причините за големата смртност се недостаток на полен во есенските денови, но и големата инвазија од вароа, пчелен крлеж.

„Не успеавме навреме да го отстраниме, поголемиот дел од пчеларите бидејќи пашата од лани се пролонгира и останаа полумедишта на самите пчели, ние во тој период не смееме да користиме хемикалии“, истакна Ристовски.

Пчеларот Ристовски сепак вели се останува на природата. Не можат да ги третираат пчелите против вируси, туку само да ги стимулираат со додавање поленски погачи.

Временските услови, ниту во моментов не им одат во прилог на пчеларите. Ниски се температурите, а веќе започнаа да цветаат одредени растенија.

Минатата година сепак посочуваат била задоволителна за производството. Тие се оптимисти дека временските услови ќе бидат подобри, со посилни пчелни семејства кои ќе донесат повеќе мед. Цената на медот во Куманово не се покачи, остана 600 денари.

 

Елена Георгиевска