САД го зголемуваат притисокот врз Израел, Нетанјаху не попушта
САД го зголемуваат притисокот врз Израел во пресрет на копнената офанзива во Рафах. Договорена средба во Вашингтон за дискусија. Борбите би довеле над милион луѓе во катастрофален глад-алармираат од ООН. Во Катар, нова рунда преговори за прекин на огнот и ослободување на заложниците...

САД го зголемуваат притисокот врз Израел. Нетанјаху не попушта. Офанзивата на Рафах – тема на телефонскиот разговор со американскиот претседател Бајден.
„Разговаравме за најновите случувања во војната како и посветеноста на Израел за постигнување на сите цели: елиминација на Хамас, ослободување на сите наши заложници и ветување дека Газа нема да претставува повеќе закана – притоа обезбедувајќи ја потребната хуманитарна помош“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Голема копнена операција таму би била грешка. Нетанјаху очигледно има свое гледиште за операцијата, но се согласи да испрати тим за дискусија. Нашиот став е дека постојат начини Израел да надвладее во овој конфликт и да стави крај на заканата од теророт од газа без операција во Рафах“, Џејк Саливан, советник за национална безбедност.
Од ООН предупредуваат дека ако Израел ја прошири офанзивата кон преполниот јужен град, борбите би ги довеле над милион луѓе во катастрофален глад.
„Ако борбите престанат, имаме целосен пристап и сè уште ќе можеме да го спречиме ова. Но, ако конфликтот продолжи дефинитивно ќе видиме глад на овие места“, Ариф Хусеин, светска програма за храна на ОН.
На терен жестоки борби. Во израелски воздушен напад е убиен Марван Иса-заменик-лидер на военото крило на Хамас. Продолжуваат и операциите во болницата Ал Шифа.
„Уапсивме над 200 осомничени за тероризам, елиминиравме над 20 терористи. Ќе продолжиме да удираме секаде каде што Хамас ќе се обиде да ја врати контролата“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Во Катар нова рунда преговори. Американскиот државен секретар изрази надеж за прекин на огнот и ослободување на заложниците пред неговата посета на Блискиот Исток.
„Правиме сè што можеме да постигнеме договор и да ги продолжиме разговорите за повоена Газа. Предизвикот сега е да се осигуриме дека секој план ќе се реализира. Тоа ќе биде во фокусот на оваа посета“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Во истовреме, американската армија изврши напади во областите на Јемен под контрола на Хутите и уништи голем број оружје кое е закана за трговските бродови во Црвено Море.
Бојана Крстевски
