Реконструираната египетска Влада положи заклетва

17.06.2014 13:53

Ова е првиот кабинет, формиран за време на владеењето на Сиси, поранешен командант на вооружените сили и министер за одбрана...

Реконструираната Владата на Египет, предводена од Ибрахим Махлаб положи денеска заклетва пред претседателот Абдел Фатах ал Сиси. Реконструкцијата опфати 13 од вкупно 34 министерски позиции.

Ова е првиот кабинет, формиран за време на владеењето на Сиси, поранешен командант на вооружените сили и министер за одбрана, кој го собори од власт пред една година демократски избраниот петседател, исламистот Мохамед Морси.

Откако на 8 јуни Сиси положи заклетва како претседател на Египет, дотогашната влада поднесе оставка и премиерот доби нов мандат од шефот на државата.

Министрите за одбрана и за внатрешни работи ги задржаа своите функции, како и министрите за индустрија, нафта и туризам.

Поранешниот амбасадор во САД, Самех Шукри е нов министер за надворешни работи, а универзитетската професорка Наглја ел Ахуани е министер за меѓународна соработка. Новиот кабинет вклучува четири жени и неколкумина технократи.