Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Турција
Претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма нагласи дека Република Северна Македонија и Република Турција уживаат долгогодишно традиционално пријателство и изрази задоволство од одличните билатерални односи коишто се карактеризираат со меѓусебна поддршка и почитување...

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Фатих Улусој, новоименуваниот амбасадор на Република Турција во Република Северна Македонија.
Во своето обраќање на церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателот Пендаровски нагласи дека Република Северна Македонија и Република Турција уживаат долгогодишно традиционално пријателство и изрази задоволство од одличните билатерални односи коишто се карактеризираат со меѓусебна поддршка и почитување. Тој упати благодарност за целокупната поддршка којашто Република Турција ја даваше уште од независноста на Република Северна Македонија во раните 90-ти години на минатиот век и продолжува да ја дава до ден-денешен. Посочувајќи дека двете земји развиваат динамични економски односи, претседателот Пендаровски изрази уверување дека постои заемна подготвеност за отворање нови перспективи, со цел натамошно интензивирање на економската соработка и за зголемување на трговската размена, како и соработката во областите на безбедноста, одбраната, земјоделството, образованието, културата, науката.
Амбасадорот Фатих Улусој во своето обраќање истакна дека Турција го цени партнерството што го споделува со Северна Македонија кое е засновано на меѓусебна почит, доверба и соработка и додаде дека нашата држава ја смета за важен партнер на Балканот. Тој нагласи дека заедничката култура овозможува на едно привилегирано ниво да се одржуваат односите и соработката како на билатерален, така и на мултилатерален план. Турскиот амбасадор ги посочи турската заедница, која со векови опстојува на ова поднебје и која работи за развојот и благосостојбата на Северна Македонија, како и турските државјани кои потекнуваат од овде, а се иселени во Турција, како најважните елементи во меѓусебните односи.
Претседателот Пендаровски на турскиот амбасадор му посака многу успех и добро здравје во извршувањето на неговата амбасадорска мисија.
