Политика

Засилува предизборната динамика, се кројат пратеничките листи и коалиции

19.03.2024 15:07

На две недели од стартот на изборната кампања, партиите со засилена динамика во комплетирањето на пратеничките листи. На виделина излегуваат и предизборните коалиции. Извесно е дека актуелните партнери во владата СДСМ и ДУИ нема да ја продолжат соработката пред претседателските и парламентарните избори. ДУИ и народното движење на Скендер Реџепи го официјализираа Европскиот фронт...

Се кројат листите за пратеници, се официјализираат предизборните коалиции. Актуелните партнери во Владата, СДСМ и ДУИ, извесно е дека нема да ја продолжат соработката пред претседателските и парламентарните избори. Лидерот на социјалдемократите вели дека е добро што на претстојните избори ќе има најмалку две коалиции кои се залагаат за брза интеграција на земјава во Европската Унија. Ковачевски со став дека партиите одлучуваат за коалиции и пред, но и по избори, одговарајќи зошто СДСМ нема да коалицира со интегративците и со други партии во Европскиот фронт. Најави дека дел од политичките партии што имаат една заедничка цел, брза интеграција на Македонија во Европската Унија, ќе потпишат коалициски договор.

Ахмети пак, го официјализираше Европскиот фронт со влез на Народното движење на Скендер Реџепи-Зејд. За лидерот на ДУИ 8-ми мај ќе биде своевиден референдум за тоа дали Македонија цели или не кон ЕУ. Најави дека партијата е во фаза на преговори со крилото на Зијадин Села, со ДПА на Мендух Тачи и со Аријанит Хоџа од Евроската демократска партија, но и со партии од турската и ромската етничка заедница. Реџепи рече дека е задоволен од договорот со Ахмети и оцени оти Европскиот фронт може да има историска димензија.

ВМРО-ДПМНЕ ги обелодени носителите на листите во изборните единици, освен за 5-ката. СДСМ на конгрес в сабота ќе ги претстави своите кандидати. Главната битка очекувано во првата изборна единица, каде што ќе се соочат Ковачевски и Мицкоски. Партиите од албанскиот блок фокусирани на 6-ката. Листите на кандидати за пратеници во Собранието до Државната изборна комисија се доставуваат најдоцна на 2-ри април до полноќ, односно 35 дена пред денот на одржување на изборите. Кампањата за парламентарните избори почнува на 18-ти април и ќе трае до 6-ти мај на полноќ.

 

 

Милчо Велески