Политика

Партиите за Законот за рестриктивни мерки

19.03.2024 15:59

Политичарите се расправаат со кој закон треба да бидат санкционирани овие лица. СДСМ повика опозицијата да не го блокира Законот за рестриктивни мерки. Милошовски порача власта да ги искористи механизмите на постоечката регулатива и да отвори постапки ...

Зошто нема санкции за функционерите кои се најдоа на „црната листа“ на САД. Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за законот за рестриктивни мерки со кој се предвидува Јанева, Јакимовски, Мерко, Анѓушев, Камчев, Мијалков, Груевски и членовите на нивните семејства да не можат да извршуваат јавна функција. Лидерот на СДСМ го обвини пратеникот Милошоски дека го блокира неговото носење.

Милошоски возврати дека власта доколку има политичка волја да стави крај на корупцијата веќе има важечки закон преку кој би ги санкционирала овие функционери.

Претседателот на интегративците Ахмети ја поздрави најновата одлука на САД за проширување на „црната листа“ на која се наоѓа и неговиот сопартиец Мерко, додавајќи дека законот за рестриктивни мерки мора да се одблокира.

Минатиот месец владата ги достави до Собранието предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки. Следната седница во Собранието е закажана за крајот на март. До тогаш партиите ќе треба да обезбедат консензус за тој да го помине првиот филтер. Времето за тоа е кратко бидејќи овој парламентарен состав се распушта на почетокот на наредниот месец.

 

 

Викторија Милевска