Истекува рокот за кандидатури
До полноќ, сите кандидатите за претседател кои собраа потребните потписи од граѓаните, ќе ги достават своите кандидатури. Избирачкиот список за увид на граѓаните, затворен...

До полноќ сите кандидати за претседател кои ги собраа потребните потписи од граѓаните ќе ги достават до ДИК своите кандидатури. За нов мандат трча актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски, Гордана Силјановска давкова, Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски, Арбен Таравари, Билјана Ванковска и Бујар Османи. Се затвори избирачкиот список за увид на граѓаните. Во подрачните единици на ДИК, увид направиле 6.231 лице.
„Преку електронски пат заклучно со 18.03.2024, се провериле вкупно 56.299 граѓани. Поднесени се 47 барања за промена на податоци, 9 барања за бришење на податоци и 24 барања за запишување на податоци во избирачкиот список“, стои во соопштението до ДИК.
Во дијаспората прифатени се 2.369 барања за регистрација. Се обработуваат уште 178, со што станува јасно дека во идниот парламентарен состав ќе нема пратеник од дијаспората бидејќи треба да освои над 5.300 гласови од нашинците.
Од ДИК велат дека ставањето на „црната листа“ на САД на претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски, нема да влијае на неговата кандидатура бидејќи уставот е јасен и во него се утврдени сите услови.
Миле Ристески
