Доделени наградите „Никола Младенов“
Доделени новинарските награди „Никола Младенов“ што ги организира Македонскиот институт за медиуми. Новинари на Македонската телевизија меѓу наградените, а наградени и серијали и емисии што ги емитува јавниот сервис.

„Од фирма за долна облека до надзор над проект од 1,3 милијарди евра со позајмени експерти“ – сторија на новинарот Александар Димитриевски која ја доби првата награда за најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс „Никола Младенов 2023“. Истата беше објавена во емисијата „360 степени“ на Македонската телевизија.
Втората награда за најдобра истражувачка сторија припадна на новинарката Ирена Мулачка за серијалот текстови поврзани со случувањата на Клиниката за онкологија во „Фокус“. Со серијалот текстови за „Иловица“, пак, за онлајн платформата „Дома“, новинарот Мартин Пушевски од Македонската телевизија ја доби третата награда.
Награда за најдобра фотографија доби фоторепортерот, Томислав Георгиев за фотографијата „Црква“.
Беа доделени и пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата најдобра истражувачка сторија. Пофалници имаше и во категоријата – најиновативен новинарски производ, а една од нив беше за новинарката на Македонската телевизија, Катерина Топалова, за објавената сторија на платформата „Дома“. Во оваа категорија, награда доби истражувачката репортерска лабораторија за документарецот „Убиство во Тетово“.
Годинава за најдобра истражувачка сторија конкурирале 39 теми, за најиновативен новинарски производ 15, а за најдобра репортерска фотографија имало пријавени 21 фотографија.
Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година наградата го носи името на угледниот новинар Никола Младенов.
Ана Јосифоска Тодоровска
