ОЈО

Презентирани досегашните резултати од Проектот на Европравда за кривична правда во Западен Балкан

19.03.2024 19:00

Промоција на Проектот за кривична правда во Западен Балкан преку кој Европравда овозможува оперативната поддршка за прекуграничната соработка на земјите во регионот при истражувањето на кривични дела.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска се обрати на настан за промоција на Проектот за кривична правда во Западен Балкан преку кој Европравда овозможува оперативната поддршка за прекуграничната соработка на земјите во регионот при истражувањето на кривични дела.

„Сторителите на кривични дела лесно ги прошируваат и префрлаат своите дејствија од една во друга држава со што се обидуваат да го избегнат кривичниот прогон. Наша обврска како истражни органи е да им застанеме на патот, а најефикасно оружје за таа цел е нашата меѓусебна соработка. Јавното обвинителство мора да ги негува и дополнително да ги развива можностите за директна соработка со обвинителствата од другите земји, особено со оние од регионот“, рече Коцевски, истакнувајќи ги предностите на овој проект преку кој се поддржуваат заедничките дејствија и размената на информации на стратешко и оперативно ниво. Проектот има специфична цел да ја зголеми способноста на земјите од Западниот Балкан да ги користат модерните алатки за меѓународна правна помош при истражувањето и гонењето на сите облици на тежок и организиран прекуграничен криминал.

Според јавната обвинителка за врски со Европравда Ленче Ристоска, освен поголема ефикасност на постапките, овој проект овозможува и јакнење на довербата меѓу институциите во регионот.

Од самото иницирање на овој проект, пред околу 18 месеци, неговата вредност и значење за балканските земји постојано расте. Претходно Европравда овозможуваше оперативна поддршка наменета за олеснување на правосудната соработка единствено за земјите-членки на Европската унија. Со овој проект, нашиот регион доби можност иста таква поддршка да користи и при меѓусебната соработка.

Со поддршка од Европравда, како дел од активностите на овој проект, македонското Јавно обвинителство до сега склучи договори за формирање на четири заеднички истражни тимови со соодветни органи од други земји во регионот. Проектот финансиски ја поддржува работата на случаите, состаноците на тимовите, но и учеството на јавни обвинители на настани и конференции во рамките на Европравда.