Морбили

Засега нема регистриран случај на морбили во земјава

19.03.2024 16:59

Засега нема регистриран случај на морбили во земјава, но поради нискиот степен на имунизирани се стравува дека лесно може да дојде до епидемија. Во пунктовите речиси нема интерес за МРП – вакцината.

Епидемија на мали сипаници и се заканува на земјава поради нискиот степен на имунизација. Во пунктовите нема интерес за МРП-вакцината, во градските средини ја примиле околу 50 проценти од децата. Овие алармантни податоци ги потврдуваат и во вакциналниот пункт „Букурешт“. Дневно се аплицираат само по десетина МРП-вакцини.

„Процентот за имунизација со МРП-вакцината е многу низок, општините во централното градско подрачје во Скопје се под националниот просек, околу 50 проценти. Тоа е застрашувачка покриеност на вакцината, која отвора можност за нова епидемија“, изјави д-р Сања Цилевска Младеновска – вакцинален пункт „Букурешт.

Кај родителите сè уште постои страв од оваа вакцина, бидејќи ја поврзуваат со аутизам. Лекарите се категорични дека не влијае на развојот на детето.

Во Романија веќе има прогласено епидемија на морбили, случаи се регистрираат и во соседна Србија. Во земјава сега нема регистриран случај, но доколку покрај епидемијата со голема кашлица се појават заразени и од малите сипаници може ситуацијата да биде алармантна

„Морбили е болест која може да има многу посериозни компликации од пертусис. Особено е опасна за дечињата под 1 година, кои според календарот за имунизација не можат да бидат вакцинирани, останува на дечињата кои се постари од 1 година да бидат носители на колективниот имунитет, со цел да се заштитат помалите под една година старост“, изјави д-р Сања Цилевска Младеновска – вакцинален пункт „Букурешт“.

Во 2023 година 70 проценти од децата биле вакцинирани со МРП, за колективен имунитет потребно е 95 проценти од населението да бидат имунизирани.

Во 2019-та година во земјава беше прогласена епидемија на морбили. Првите случаи се појавија во Скопје, а набрзо потоа заразата се прошири и во другите градови.

 

 

Андријана Ѓурческа