Израел

Во Газа помошта тешко пристига, децата соочени со глад

20.03.2024 08:40

Меѓународната заедница треба да се срами што не успеала да ја спречи ситуацијата во која над милион луѓе се загрозени – велат во ООН...

Се поголем број новороденчиња во Газа се на работ на смртта од акутен глад-соопшти СЗО, уште еднаш остро предупредувајќи за влошената хуманитарна ситуација. Меѓународната заедница треба да се срами што не успеала да ја спречи ситуацијата во која над милион луѓе се загрозени – велат во ООН.

„Помалку од половина од планираните мисии за хуманитарна помош во северниот дел на Газа беа олеснети од израелските власти. 11 од 24 мисии. Останатите беа или одбиени или одложени. Испраќањето помош на северот на Газа бара секојдневно одобрение од израелските власти“, изјави Фархан Хак, заменик портпарол на генералниот секретар на ООН.

Велика Британија соопшти дека нејзиниот најголем пакет помош за Газа пристигнал во енклавата. Над 2.000 тони храна се транспортирани преку јорданскиот копнен коридор. Во истовреме, рацијата во болницата Ал Шифа продолжува. Убиени се десетици милитанти. Израелскиот премиер се очекува денеска да има видеообраќање во американскиот Сенат. Плановите на тел Авив за офанзива во Рафах без јасен план би биле катастрофа-соопштија од САД. На оваа тема двете страни ќе разговараат идната недела. По еднодневните разговори за прекин на огнот, израелските власти го напуштија Катар. Посредниците се „внимателни оптимисти“.