САД

Федералниот апелационен суд го замрзна новиот закон за имиграција во Тексас

20.03.2024 09:38

Замрзнат новиот закон за имиграција на Тексас. Одлуката дојде, само неколку часа откако Врховниот суд дозволи мерката СБ-4 да стапи на сила во очекување на жалба. Мексико одби да прифати какви било мигранти депортирани според новиот закон...

Федералниот апелационен суд го замрзна контроверзниот закон за имиграција во Тексас, еден од најтешките закони од ваков вид донесен од една американска држава во поново време. Одлуката дојде, само неколку часа откако Врховниот суд дозволи мерката СБ-4 да стапи на сила во очекување на жалба. Мерката предвидува, локалната и државната полиција да можат да апсат и гонат осомничени за илегално преминување на мексиканската граница.

„Тоа е вистинската политика за државата тексас. Мораме да имаме сигурна граница. Тоа не е само републикански идеал, тоа е долгорочен проблем што овој закон ќе го реши. СБ-4 треба да е закон во оваа држава“, изјави Дејд Феланрепубликански член на претставничкиот дом на Тексас.

Мексико одби да прифати какви било мигранти депортирани според новиот закон. Администрацијата на претседателот Бајден, законот го нарече неуставен.

„Нема сомнение дека треба да решиме прашања долж границата. Претседателот Бајден и администрацијата работат во двопартиски начин со сенаторот Ланкфорд за постигнување договор за граничната безбедност. Тоа беше саботирано од поранешниот претседател Трамп и неговите пријатели во Конгресот“, изјави Армандо Вале, заменик-лидер на демократите во претставничкиот дом на Тексас.

Нелегално преминување на границата со САД е веќе федерално кривично дело. Казните за оние кои илегално ќе влезат во Тексас, откако ќе бидат депортирани во Мексико, може да бидат до 20 години затвор. Законот СБ-4 беше потпишан во декември и првично требаше да стапи на сила на 5-ти март, пред да се заглави во правни предизвици.

 

Бојана Крстевски