туризам

Во Охрид три месеци се чека одобрение за поставување на урбана опрема

20.03.2024 11:19

Од Националната комисија за УНЕСКО веќе три месеци се чека одобрение на општинската програма за поставување на урбана опрема на летните тераси во Охрид. Поради доцнењето губи општинската каса затоа што не се наплаќа комунална такса, а од друга страна угостителите можат да бидат казнети од инспекциските служби, бидејќи во моментов не поседуваат дозволи за поставување на опремата...

Веќе три месеци угостителските објекти во Охрид работат без одобренија за поставување на урбана опрема на летните тераси. Локалната самоуправа програмата за поставување на опрема навреме ја доставила до надлежните институции од областа на културата, но годинава за прв пат таа треба да биде одобрена од Националната комисија на УНЕСКО. Засега од таму нема никаков одговор, но поради доцнењето општината не прибира комунална такса, а угостителите можат да бидат казнети, бидејќи поставиле урбана опрема без соодветна дозвола.

„Јас сум работел во Германија 20 години, па еднаш не сум слушнал за вакви работи. Ти дава тој дозвола за работа од Стопанска комора, терај ти да си подмирен, да си ги платиш твоите работи што ти се пропишани и готово“, изјави Љупчо Патчев угостител.

Урбаната опрема е нераскинлив дел од туристичката понуда без разлика на годишното време, барем што се однесува до Охрид, бидејќи летните тераси во центарот на градот и долж крајбрежјето се најпривлечни за туристите.

„Гостиве зошто доаѓаат, за по улицата да поминат само така, ако нема никаде содржини да застанат, било каде и по патов треба да има некој кафич до амфитеатар, до кулите нема човек вода кај да се напие“, вели Љупчо Патчев.

Наместо да не поттикнуваат да работиме што повеќе, да направиме нешто повеќе за нас и за градот, се чини како некој пред секоја сезона да ни поставува пречки што со децении се повторува, велат охридските угостители.

 

Сашо Нелоски