Репортажи за Македонија на Холандскиот "Channel 3 Travels"

17.06.2014 15:47

Снимањето почнува во Скопје со претставување на старите занаети во Скопската чаршија, тврдината Кале, Даут Пашин Амам, Спомен куќата на Мајка Тереза...

Холандското ТВ шоу "Channel 3 Travels" кое се емитува на третиот канал на националната холандска телевизија Недерланд 33 почна да снима репортажи за Македонија во кои ќе бидат прикажани убавините на земјата, соопшти денеска Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
 
Снимањето почнува во Скопје со претставување на старите занаети во Скопската чаршија, тврдината Кале, Даут Пашин Амам, Спомен куќата на Мајка Тереза, Милениумскиот крст на Водно и кањонот Матка. Екипата на "Channel 3 Travels" ќе ги снима и специјалитетите од македонската кујна, а ќе ги посетат македонските традиционални ресторани и кафе барови. Ќе ги снимаат и Охрид, Галичица и манастирскиот комплекс "Св Наум".
 
Согласно програмските активности за 2014 година, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот започна соработка со холандската јавна радиодифузна асоцијација BNN Network.
 
Сnимањето на репортажите ќе трае до 22 јуни. Огранизациски и логистички снимањето на овој документарец е поддржан од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, која ги разработи сите сегменти и ги оствари сите контакти потребни за професионално и успешно реализирање на овој проект.