Франција подготвува околу 2.000 луѓе да испрати во Украина, тврди руската разузнавачка служба
Руската разузнавачка служба има информации дека Франција ќе испрати 2 илјади војници на фронтот во Украина. Париз демантира. Борбата се разгорува. Поддршката за Киев, ќе биде една од главните теми на Европската политичка заедница...

Франција подготвува воен контингент од 2 илјади војници за фронтот во Украина-објави руската разузнавачка служба. Париз демантира. На фронтот, борбата се разгорува. Беспилотни летала и натаму преку границата на двете завојувани страни. Нападнат рускиот град Енгелс, веднаш до воената воздухопловна база на стратешките бомбардери-тврди гувернерот на Саратов. По интензивираните украински напади на руска територија, Москва најави заострување на безбедносните мерки во пограничните области. Се евакуираат околу 9 илјади деца.
„Ќе се постават пунктови на кои ќе бидат присутни персонал од Министерството за внатрешни работи, националната гарда, граничната служба, Министерството за одбрана, а ќе се утврдува и процедурата за посета на станбени згради. Ќе продолжиме со евакуацијата на децата и голем број жители кои остануваат под оган“, изјави Вјачеслав Гладков, гувернер на Белгород.
Жртви и напади на другата страна. Во руски воздушен напад врз Дњетропетровск загинаа најмалку петмина. Киев ја доби поддршката од сојузниците. За 15-ина дена ќе ги добие потребната артилерија и муниција.
„Светот треба да види како функционира меѓународната правда како одговор на агресијата и теророт. Од почетокот на март до денеска, руската авијација фрлила речиси 200 бомби. Очигледна е потребата на Украина да ја зајакне воздушната одбрана за да го спречи овој терор“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Путин ја обвини Украина и нејзините западни поддржувачи дека користат терористички методи во нејзините напади врз руските погранични области.
„Неонацистичкиот режим во Киев, повторно со поддршка на Западот, и често по нивни директни инструкции, премина на терористички методи. Се гранатираат мирни градови. Провокативни изјави на голем број западни структури. Сево ова наликува на директна уцена и намера да се заплаши и дестабилизира нашето општество“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Шефот на европската дипломатија Борел достави предлог до Советот на ЕУ за користење на приходите од блокираните руски средства. Војната во Украина и поддршката за Киев, ќе биде една од главните теми на европската политичка заедница.
Бојана Крстевски
