ИЗРАЕЛ

Помош нема, децата во Газа соочени со глад

20.03.2024 12:47

Се поголем број новороденчиња во Газа се на работ на смртта од акутен глад-соопшти СЗО. Најголем пакет помош со над 2 илјади тони храна пристигна од Велика Британија. Во истовреме, рацијата во болницата Ал Шифа продолжува. Убиени се десетици милитанти. Посредниците во Катар внимателни оптимисти откако израелските власти ги напуштија преговорите. Меѓународната заедница треба да се срами што не успеала да ја спречи ситуацијата во која над милион луѓе се загрозени – велат во ООН...

Блинкен во нова турнеја низ Блискиот Исток, Израел се подготвува за напад на најјужниот дел од Појасот Газа, областа Рафа. Прашањето е каде ќе се евакуираат 1,5 милиони жители коишто се без егзистенцијални услови речиси половина година. Актуелни се израелските постојани бомбардирања и на градот газа. Изгладнетоста присутна и меѓу медицинскиот персонал.

„Сите добиваме вкупно неколку оброци, не се многу хранливи. Секој оброк го споделуваме меѓу двајца лекари. Има малку зеленчук и малку ориз и тоа не е доволно за лекарска 24-часовна смена“, изјави Башар Абдел Кадер, лекар волонтер во болницата „Ал-Акса“.

Бегалците од Газа немаат каде. Египет е затворен за Палестинците, Тел Авив и Каиро не дозволуваат влез на шефот на надлежната агенција за Палестинците на Обединетите Нации во Газа.

„Слободното движење на меѓународните работници е клучен услов за хуманитарниот одговор. Лазарини и неговиот персонал треба да имаат пристап до теренот. Ќе работиме со израелската влада и другите соговорници да се случи тоа“, изјави Ведант Пател, заменик-портпарол на Стејт департментот.

Кризата во јужниот дел од Израел има директно влијание врз состојбата во Блискиот Исток. Американската и британската морнарица ги засилија воените операции против Хутите за да овозможат премин на трговските бродови низ Црвено Море кон Суецкиот канал.

„Знаеме дека Иран стои зад нападите на Хутите, тоа го прават со разузнавачка поддршка, им обезбедуваат цели, оружје како и оценка на задачите“, изјави Контраадмирал Марк Мигез, командант на ударната група на носачи на авиони на САД.

Во Ватикан, папата Франциск уште еднаш повика на мировни преговори, покрај Украина, и за светата земја.

„Палестина и Израел, страдаат од војната. Не дозволувајте да заборавите, секоја војна е пораз. Не можеме да продолжиме со војната. Мораме да дојдеме до услови, да преговараме, војната да заврши“, Папа Францис-поглавар на Светата столица.

Во отсуство на мирот, светот се обидува, но недоволно, да достави елементарна хуманитарна помош до Газа по воден и по воздушен пат.

 

Зоран Богатинов