Лични документи

Иницијатива до Уставен за промена на документите, граѓаните се чувствуваат изиграни

20.03.2024 12:51

На пунктовите нема голем метеж за подигнување готови документи. Но, граѓаните сè уште се чувствуваат изиграни што треба да извршат замена на документ со валиден рок и за тоа да платат. Адвокатот Ќатоски, кој поднесе иницијатива до Уставниот суд, гледа простор државата да ја надомести штетата.

Граѓани кои ги промениле важечките лични документи бараат да им се вратат парите што ги дале за да извадат нови патни исправи со новото уставно име на државата. Велат дека се чувствуваат дискриминирани што мораат да ги менуваат пред изминување на рокот. 

Граѓаните имаат право на надомест на штета предизвикана од хаосот со личните документи, смета адвокатот Глигорие Ќатоски. Според него, постојат два начина како да се оствари ова право, со поднесување барање за заштита на слободи и права до Уставен суд и во случај кога е одбиен излез од државата.

Засега нема конечен став, дали ќе се враќаат парите. Извесно е дека пред избори не може да се случи тоа. Бројките покажуваат дека 1.433.008 барања за патни исправи со новото име, 1.204.191 барање за лична карта и 626.011 барања за возачки дозволи, се поднесени до МВР од 05 јули 2021 до 14-ти овој месец. Пасош по редовна постапка за возрасно лице чини 2.300 денари во редовна и 6.400 денари во итна постапка. За лице до 27 години, 1.700 денари и по итна постапка 6.375 денари. За дете до четири години во редовна 1.600 денари и 6.200 во итна постапка.

 

Александра Велинова