Поднесени кандидатурите за претседател на државата, на потег се ДИК
Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари, Стевчо Јакимовски и Максим Димитриевски, ги поднесоа документите и листите со потписи до Државната изборна комисија во предвидениот рок. МВР има 24 часа да провери дали ги исполнуваат условите...

Регистрираните гласачи во дијаспората ќе можат да гласаат само на претседателските избори, за парламентарните не е исполнет условот од минимум 5.350 пријавени за гласање. 7-те кандидати за претседателските избори: Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари, Стевчо Јакимовски и Максим Димитриевски, ги поднесоа документите и листите со потписи до Државната изборна комисија во предвидениот рок. МВР има 24 часа да провери дали ги исполнуваат условите: да се македонски државјани, дека имаат наполнети 40 години и дека престојувале во државата 10 од последните 15 години. Во ДИК комисија ги проверува листите со собраните 10 илјади граѓански потписи. Од СДСМ тврдат дека од ВМРО-ДПМНЕ за својот претседателски кандидат не собрале 10 илјади потписи.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека Пендаровски озборува и пласира невистини, а поднесувањето на кандидатурата е технички процес.
„Поднесувањето на кандидатурата е технички процес, професорката Силјановска-Давкова имаше историски најголем одзив од граѓаните при собирањето на потписите за нејзината кандидатура и тоа е најголемата болка за Пендаровски и СДС. Поддршката од граѓаните е јасна и недвосмислена, а СДС и Пендаровски во истата ќе се уверат на 24-ти април и 8-ми мај“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
По завршувањето на проверката, ДИК на седница треба да ги потврди кандидатските листи. Најдоцна до 28-ми март треба да се изврши ждрепка за редоследот на гласачкото ливче. Изборната кампања за претседателските почнува на 4-ти април.
Колку граѓани со истечен рок на документи ќе може да гласаат на претстојните двојни избори ќе се знае по затворањето на избирачкиот список на 2-ри април.
Ирина Гелевска
