Голема кашлица

Нови заразени од голема кашлица

20.03.2024 16:31

Се зголемува бројот на заболени од голема кашлица. Регистрирани се нови 11 случаи. Во „Козле“ се хоспитализирани пет доенчиња, тие се во стабилна состојба. Надлежните апелираат – вакцинацијата е најважна во превенција и спречување на ширење на болеста ...

Пет бебиња со голема кашлица се лекуваат во болницата за белодробни заболувања „Козле“. Најмалото има само два месеца и ниту едно не е вакцинирано. Состојбата им е стабилна и немаат потреба од кислородна поддршка. Но, освен доенчињата, лекарите велат дека се почести пациенти во амбулантите се и децата на школска возраст, кај вакцинираните големата кашлица минува полесно.

„На почеток симптомите се многу слични како и со секоја друга вироза, како обична настинка, меѓутоа кашлицата не отстапува. Таа продолжува и добива масовност, агресивност во втората или третата недела од болеста кај детето. Но, можам да констатирам дека школските деца се постабилни, оние кои се вакцинирани“, изјави д-р Мирјана Поповска – педијатар во детска клиника за белодробни заболувања „Козле“.

Иако единствениот начин да се спречи ширење на големата кашлица е вакцинацијата, сепак многу деца сè уште не се имунизирани со Ди-Те-Пер. Причина за тоа не се само антивакциналните кампањи, велат од Комисијата за заштита од заразни болести. Според доктор Мехмедовиќ, потребна е реорганизација на системот. Пунктовите за имунизација да работат и втора смена и во услови кога не е епидемија.

„Треба да се зголеми бројот на вакцинални тимови со цел да се обезбеди достапност на услугите за родителите за да можат да бидат малку покомфорни. Ако во текот на една година треба 20 пати да го однесете вашето дете на вакцинација, треба 20 пати да побарате начин да излезете од работното место“, изјави Злате Мехмедовиќ – Комисија за заштита од заразни болести.

Според последните податоци на Здравствениот инспекторат, педесет проценти од децата кои посетуваат градинка во главниот град не се имунизирани или се нецелосно вакцинирани со Ди-Те-Пер.

За да се спречи ширењето на големата кашлица, во предучилишните установи се згрижуваат само деца со примени три дози на Ди-Те-Пер, со услов во следните шест месеци да бидат ревакцинирани.

 

 

Андријана Ѓурческа