Скапа синдикална кошница
Вредноста на синдикалната минимална кошница во март се искачи на 59 илјади денари. Податоците на ССМ покажуваат дека речиси 40 проценти од парите, или над 22 илјади денари, се потребни само за храна и пијалаци. Уште десет отсто одат за режиски трошоци за домување, па на граѓаните за грижа за здравјето им остануваат едвај 2 процента од месечните средства. Минималната плата од месецов ќе биде 22 илјади и 500 денари. Есапот покажува дека со една просечна и една минимална едвај се врзува крај со крај.

За да може едно четиричлено семејство да го помине месецот ќе му бидат потребни речиси 59.000 денари, покажуваат најновите пресметки на ССМ. Според синдикатот, најголем раст на цените има кај храната и пијалаците.
Минималната кошничка само за еден месец е зголемена за 1.500 денари. Овој тренд на раст на цените според претседателот Слободан Трендафилов, е резултат на прекинување на мерката гарантирани цени и одлуката на трговците веднаш да ги зголемат продуктите во нивните маркети. Тој очекува инфлацијата да го изеде најавеното покачување на минималецот и да доведе до дополнително осиромашување на граѓаните.
Граѓаните се жалат дека не е само храната поскапена, туку дека и нивните примања не се доволни за да ги задоволат основните потреби. Зголемувањето на цените велат највеќе се чувствува кај млечните производи.
Сојузот на синдикати на Македонија, предлага Владата да продолжи да ја спроведува мерката за ограничување на цените за да се заштити животниот стандард од, како што велат, алчноста на трговците за профит.
Викторија Милевска
